
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одговори на заканите на Али Ахмети, кој изјави: „Нема никој во Македонија кој подобро знае да прави национализам од мене. Ако излезам на улица, никогаш нема да се вратам дома. Јас не сум претставник на мачки, туку на лавови.” Филипче смета дека барањата на Ахмети се исклучиво за негово лично политичко поентирање.
„Ние имаме одличен соживот со сите наши сограѓани од различни националности во нашата партија и во нејзиното раководство. Има луѓе од различни етнички заедници и нашиот мултиетнички, мултикултурен карактер нема да се промени, ниту пак се негува на начин кој го предлага господинот Ахмети. Гледам дека тој ја распадна Југославија, а ако мисли дека на овој начин ќе ја распадне Македонија, можам да порачам дека не ќе успее”, рече Филипче.
Во однос на коментарите на ВМРО-ДПМНЕ, ги повика да се фокусираат на сопствениот двор и на кадрите со кои располагаат. „За жал, кадрите кои моментално ја управуваат државата ги доведоа граѓаните до просјачки стап. Нивната работа треба да биде да се занимаваат со себе, а не со СДСМ. Ние имаме високи критериуми при изборот на личности за сите позиции и практично се подготвуваме за следните избори, кога и да се случат, за власта да ја вратиме во рацете на граѓаните”, заклучи тој.



