Министерот за здравство Венко Филипче е изненаден од изјавата на претседателот Стево Пендаровски – дека тоа што илјадници наши сограѓани викендов заминаа да се вакцинираат во Србија, е срам за нашата држава.
„Сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза. Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја“, реагира Филипче на Фејсбук.
Тој посочи дека Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а потсети и дека вакцинацијата почнува веќе од утре.
„Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана“, обвини министерот за здравство.