Филипче: Се очекува зголемување на случаите, можни се и до 2.000 забoлени… Останете дома!

На денешната прес-конференција, министерот Филипче испрати и неколку, како што рече, многу важни пораки.

Тој објасни дека секоја епидемија има свој тек – односно свој почеток, акцелерација, пик/врв на кривата, и потоа намалување, спласнување на бројот на случаи – и дека епидемијата во државава е во силен ек.

Согласно сите епидемиолошки податоци со кои располагаат надлежните институции, вклучително и за движењата на луѓето, се очекува бројот на заболени да се зголемува. Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче соопшти и бројки, кои се производ на одредени анализи и проценки, но кои, како што рече, треба да се земат со резерва. Имено, дека бројот на забoлени во земјава може да достигне и до 2.000 лица, а пикот на епидемијата да се очекува за околу месец дена од сега.

Затоа најважно е да се спречи локалната трансмисија, потенцираше министерот.

„Останете дома, не се собирајте, не се групирајте. Излегувајте само ако имате некоја итност, ограничете го движењето, не контактирајте многу со луѓето, не се задржувајте во маркетите, држете дистанца каде што има повеќе луѓе, задолжително одржувајте хигиена, и мијте раце од 20 до30 секунди“, апелираше Филипче, додавајќи:

„Од сите нас зависи, од сите поединци, од сите компании, од сите институции. Максимално сериозно мора да пристапиме на ова прашање. Повеќе пати кажав дека ова не е шега. Единствениот начин е сите ние да се однесуваме одговорно. Нека седат дома децата, нека седат дома хроничните пациенти“.

Тој нагласи дека Владата и Министерството за здравство воведоа, воведуваат и ќе воведат уште поригорозни мерки, долку за тоа се покаже потреба.

Филипче потсети дека мора да биде заштитен и здравствениот систем.

„Мораме да го заштитиме и нашиот здравствен систем, бидејќи искуствата од другите земји покажуваат дека заразата се шири и кога здравствениот систем е оптеретен.

Сметам дека сите овие мерки коишто ги воведовме ќе доведат до тоа да немаме остар пик, нагло зголемување на бројот на заболени и тоа е главната работа, што значи здравствениот систем да може да го апсорбира овој удар, за што сме спремни со капацитети, со опрема, со кадар којшто е спремен да ротира по потреба. Сите 200 анестезиолози и 400 медицински сестри, покрај сегашниот кадар, согласно намалувањето на нивните редовни програми, сега се спремни да се вклучат во третманот на ова заболување, на овие пациенти.

Сакаме да ги заштитиме и здравствените работници. За жал во другите земји има знаци и има примери во коишто и тие заболуваат. Сега е клучно и тие да се здрави, затоа што тие се столбот на овој здравствен систем, тие се главните даватели на здравствените услуги“, апелираше министерот.

- Реклама -