Филипче: Само 10% од вакцинираните се заразени, главниот проблем е во бројот на невакцинирани

И сите оние кои го прележале вирусот, по месец дена од оздравувањето, треба да се вакцинираат, без оглед на начинот на кој биле лекувани, изјави денеска министерот за здравство – Венко Филипче.

Тој потврди дека за организација на сите настани – и на отворено и на затворено, потребно е да се приложи сертификат за примена најмалку една вакцина или доказ дека болеста е прележана (за што има временски период од 45 дена), без разлика дали во објектот има под 30 или над 30 посетители. Потенцира дека единствено ако во угостителскиот објект или на настанот има над 30 луѓе, треба да се организира редарската служба.

Посочувајќи дека и денеска има околу 1.000 новозаразени, Филипче главниот проблем го посочи кај граѓаните кои не се вакцинирани.

„Десеттина проценти од сите кои се дијагностицираат во текот на денот се вакцинирани. Исто така, десеттина проценти од хоспитализираните се вакцинирани. Тоа што охрабрува е дека од вкупната бројка вакцинирани, која во текот на вчерашниот ден достигна 600.000, многу малку се дијагностицирани. Бројката се мери во промили 0.002, што значи дека главниот проблем е во бројот на граѓани кои не се вакцинирани. Воопшто немаме проблем со тие кои се вакцинирани. И во другите земји заболуваат, меѓутоа за 20 пати е помал ризикот од смртен исход ако заболи некој кој е вакциниран“, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по свеченоста по повод Денот на Армијата.

Тој истакна дека во текот на вчерашниот ден целосно било ставено во функција инфективното одделение во ГОБ „8 Септември“, каде, како што појасни, има слободни кревети, но обезбедуваат дополнителен простор во делот на интензивната нега.

„Од вчера попладне целосно во функција се стави модуларната болница до Инфективната клиника и за тука има обезбедено дополнителен кадар од другите клиники. Околу 10-тина кревети веќе се зафатени. Имаме и други капацитети кои се подготвени, тоа е болницата за рехаблитација во Козле. Притисокот во болницата во Тетово, според разговорот кој го имав синоќа со директорот, беше нешто спласнат. Останува оној голем број прегледи во текот на денот во сите институции во болниците каде има притисок“, рече Филипче.

Тој истакна дека нема укажувања за вработените, одлуките се однесуваат за места каде има масовно присуство на луѓе каде може да има трансмисија на вирусот и тоа е логиката на овие мерки.

„Предизвици секогаш ќе има и некои технички прашања во делот на спроведувањето, некои логични прашања кои ќе се наметнуваат и ќе одговориме секако, но целта е да се стимулира вакцинацијата затоа што гледаме дека во градовите каде има повисок опфат со вакцинација засега нема притисок во болниците; како што се Битола, Охрид и Штип, каде опфатот на вакцинација е близу 50 проценти. Така што во таа смисла сите мерки се димензионирани да се зголеми опфатот за вакцинација и да се спречи ширењето на вирусот“, рече министерот.

Тој додаде дека инспекторатите се задолжени за проверка на сертификатите на граѓаните, а за тоа кој ќе го контролира влезот на граѓаните во шопинг моловите, рече дека тоа се технички детали кои се во рамки на инспекторатите.

Извор: МИА

- Реклама -