И покрај зголемениот број на новодијагностицирани случаи изминатите денови, епидемијата е под контрола – е оценката на Комисијата за заразни болести, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Порастот на новозаразени на дневна основа се должи на олабавување на мерките и поголемо движење на граѓаните, како и во соседните и другите земји, но бројот на активни случаи е стабилен и голем дел од потврдените се од веќе познати кластери. Дел од новите случаи, пак, се заpaзиле при групирање на приватни собири, заклучува Комисијата.
И покрај тоа, ќе мораме да се навикнеме да живееме со вирусот, порача денеска Филипче. Мора да се почитуваат мерките, истакна тој, предупредувајќи дека зголемување на бројот на случаи, покрај за здравјето, може да е лош и за економијата и работните места.
„Не смееме тоа да го дозволиме. Нема ништо да постигнеме ако мерките кои се на сила не се почитуваат. Вирусот е тука и никој од нас не е имун. Коронавирусот нема да исчезне, ќе биде присутен сѐ додека не се стекне имунитет“, рече министерот, додавајќи дека граѓаните мора да научат да ги вршат своите секојдневни обврски имајќи го на ум вирусот, грижејќи се за своето, но и за здравјето на другите.
„Сите досегашни студии, но и искуства од други епидемии покажуваат дека вирусот многу веројатно ќе има и втор бран“, потенцираше Филипче и порача дека државата (со помош на граѓаните) ќе го дочека подготвена:
„Се подготвуваме согласно консултациите кои ги имаме со повеќе земји, СЗО и поединечни случаи од повеќе земји во светот. Започнуваме голема инвестиција во здравствениот систем и ги зајакнуваме одделенијата за интензивна нега ширум земјата. Ќе ги опремиме сите одделенија за интензивна нега за да се даде соодветна здравствена заштита“, порача министерот.