Филипче: Ова ќе трае – некои предвидувања велат и до 2022 год., некои и по вaкцината

Сите предвидувања, легитимни и објавени во еминентни медицински списанија, велат дека нема наскоро да куртулиме од коронавирусот. Затоа, граѓаните ќе мора да научат уште долго време да живеат со вирусот, порача министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во „Топ Тема“ на „Телма“.

„Ова ќе трае. Нема да прекине ни до крај на годината, ни до почетокот на наредната. Има предвидувања дека дури и после вaкцината ваквата состојба со корона вирусот ќе продолжи. Некои најнови предвидувања велат дека ќе трае и до 2022 година. Предвидувања од еминентни медицински списанија. Мора да научиме дека треба да живееме носејќи маска и држење дистанца“, категоричен е Филипче.

Доколку во септември или есенските месеци има втор бран, како што предвидува СЗО, додаде Филипче, повторно ќе се воведат рестрикции, а повеќе од извесно е дека ќе се затворат градинките и училиштата.

Сепак, потенцира министерот, овојпат ситуацијата нема да биде потполно иста, бидејќи во меѓувреме се зајакнати и ќе се зајакнуваат здравствените капацитети, но и здравствените работници веќе и сега знаат со што се соочуваат и каква пaтoлогија да очекуваат, што би значело поблаги рестриктивни мерки.

Која ќе биде црвената граница, односно бројот или процентот на заболени што ќе наложи враќање на рестриктивните мерки, ќе зависи од земја до земја, па така и во Македонија одлуките ќе се носат согласно сите овие фактори, додаде Филипче.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

Неодамна, пак, директорот за итни ситуации на СЗО – Мајк Рајан, предупреди дека во секоја од земјите, доколку не се внимателни, лесно може да се случи „втор пик“ во било кое време, но и дека никој не гарантира дека во меѓувреме земјите ќе имаат неколку мирни месеци за да се подготват за евентуален втор бран наесен. Впрочем, уште од самиот почеток предупредувањата за „втор бран“ СЗО ги упатува врз основа на препоставката дека земјите успешно ќе го зaдyшат овој прв налет на вирусот и со внимателно постапување и етапно релаксирање на мерките нема да дозволат меѓувремени пикови како овој за кој зборува Рајан. Во спротивно, одамна јасно посочува СЗО, доколку земјите се неуспешни и невнимателни, воопшто не можеме да зборуваме за бранови, туку за константна пандемија.

Оттаму, не случајно Филипче уште еднаш во „Топ Тема“ инсистираше на тоа да се почитуваат здравствените препораки и да се носи лична заштитна опрема (маски), редовно да се мијат/дезинфицираат рацете и да се одржува физичка дистанца.

- Реклама -