„СДСМ како партија во континуитет ги слуша граѓаните за да ги вклучи со своите мислења, за заедно да ги креираме политиките и носењето на одлуките, бидејќи не веруваме во наметнати одлуки“, истакна министерот за здравство и потпретседател на СДСМ – Венко Филипче, на граѓанската трибина на СДСМ во Гостивар, каде својот говор го започна со емотивно сеќавање на прерано починатиот доктор – Трајче Нешковски (кој потекнува од Гостивар).
Филипче истакна дека проблемите треба да се слушнат директно од терен и дека многу често и ексклузивно на тој начин пристигнуваат и решенијата, токму од самите граѓани, бидејќи тие им служат директно нив. На тој начин, отворено и транспарентно, вклучувајќи ги сите, се работи и во Министерството за здравство, повеќе од три години, додаде тој.
„Во креирање на нашите одлуки ги вклучивме сите – Здруженија на лекари, специјализанти, на пациенти – и многу постигнавме. Ги зголемивме платите на лекарите специјалисти, сега се тие скоро дуплирани, повеќе од 100 проценти. За пример, тие што беа платени по 60 и 65 илјади денари, сега земаат меѓу 95 и 160 илјади денари“, рече министерот.
Според него, сѐ помалку млади лекари сакаат да заминат во странство.
„Младите специјализанти работеа за беспари, а сега добиваат по 30 илјади денари, сега ќе добијат надоместок и за дежурства, ќе бидат и здравствено осигурени. Можеби не ги носиме секогаш правилните одлуки, ама знаеме да го слушнеме гласот на граѓаните и да ги смениме одлуките. Така се владее државнички и одговорно, а на другата страна е ВМРО-ДПМНЕ – партија што штити криминалци и штити насилство. Таква партија нема иднина“, констатира Филипче.