Филипче: Колку побрзо сфатиме дека ова е нашиот нов начин на живот, толку побрзо ќе излеземе од кризата – друг начин нема

„Ги олабавивме рестриктивните мерки, се укина полицискиот час, со јасна порака за задолжително почитување на сите превентивни мерки за лична заштита. Тоа го прават сите земји, тоа е единствениот начин за излез од оваа криза. Ние не можеме да живееме вечно затворени, со затворени граници, со рестрикција на движењето. Одговорноста за враќање во нормала сега е на секој граѓанин на нашата земја“, апелираше по којзнае кој пат министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, на која покрај загрижувачки големиот број на новодијагностицирани, соопшти и за масовно непочитување на мерките во Тетово и регионот, како и во четири скопски општини (Сарај, Чаир, Гази Баба, но и Аеродром), но и во Штип, особено меѓу конфекции и превозот на нивните вработени.

„Жал ми е што има луѓе што ова (горенаведеното) не го разбираат, зашто ниту ние во Министерството, ниту епидемиолозоите, ниту било која државна институција не може сама да се справи со овој проблем. Огромна одговорност има на граѓаните“, рече Филипче.

Мерките се јасни и воопшто не се тешки да се спроведат, а занемарување на присуството на вирусот нема да ни помогне, туку само го одложува решавањето на овој многу сериозен проблем, додаде тој, уште еднаш апелирајќи да се носат маски, често да се мијат рацете, да се прави дезинфекција и да се одржува физичка дистанца.

Прочитајте и:  Филипче: Ќе понудиме современа политичка платформа со силен фокус на економијата и платите

„Ние постепено почнавме да ги отвораме економските оператори, компаниите, бизнисите – впрочем како и сите земји во регионот и во светот, за да го продолжиме животот. Утрово стигна порака и од Бугарија, дека планираат во понеделник да ги отворат границите за сите земји членки на ЕУ плус за Србија и Македонија, но останува на сите нас да сме свесни за одговорноста која ја носиме, за да можеме постепено животот да го враќаме во нормала.

Ова е светска здравствена криза, ниту една земја не се одбрани од вирусот. Тоа уште долго време нема да се случи – последните анализи анализираа за тоа каква ќе биде состојбата и многу после 2021 година; ние можеме да го контролираме и да го минимизираме ширењето единствено преку подигање на нивото на свест. Колку побрзо го сфатиме ова – дека ова е нашиот нов начин на живот, толку побрзо ќе излеземе од кризата. Друг механизам нема“, порача министерот.

- Реклама -