Филипче ќе предложи заострување на мерките против ширење на Ковид-19

„Почитyвани гpaѓани, јас сум свесен дека оваа ситуација го смени животот, дека луѓето затворени дома се соочени со страв. Стравот е емоција, меѓутоа не треба да стане ирационален, бидејќи така е некорисен и штетен“, порача министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

„Мора сите да сме свесни дека токму таа изолација, самоизолација, токму тоа карантинизирање, е спасот и начинот да се стави крај на ширењето на инфекцијата.

Во оваа битка учествуваме сите, во оваа битка нема простор за политички поени. Секој еден од нас треба да помогне да се надмине оваа сериозно кризна ситуација, оваа светска здравствена криза“, апелираше тој.

Министерот потенцираше дека мерките што ги носат властите и надлежните институции се согласно препораките и согласно степенот на ширење на вирусот. Меѓутоа, додаде тој, податоците дека мерките многу често не се почитуваат стигнуваат и до надлежните институции.

„Затоа, во текот на денешната седница на Владата, закажана за во 16.30 часот, јас ќе предложам заострување на одредени мерки, посебно во делови на државата каде е регистрирано непочитување“, соопшти Филипче.

За типот на мерките јавноста ќе биде информирана по завршувањето на седницата на владата.

- Реклама -