„На почетокот на кризата главниот ризик беше од увоз на вирусот. Тогаш немаше локална трансмисија, а сега и дефинитивно, еве и со овие важечки мерки за ПЦР тестови на границите, очигледно е дека локалната трансмисија е најголем проблем“, одговори министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, прашан зошто во март, април и мај, кога имавме до 50 новозаразени дневно, се воведуваа строги рестрикции како полициски час, затворање на училишта и слично, а сега, со над 300 новозаразени дневно, се носат „меки мерки“ од типот на ограничување на бројот на гости во домашни услови, додека истовремено од понеделник ќе бидат отворени границите со земјите од регионот без ПЦР тестови.
„Практично во сите земји кај што има ваков режим (задолжителни ПЦР тестови) сепак има огромен скок на новозаразени, што значи дека тоа преминување преку границите воопшто не претставува значаен ризик“, продолжи Филипче. „И во нашата анализа, многу мал процент – до 3%, се луѓе кои патувале. Дури и кај нив не е сигурен податокот дека се заразиле надвор.
Во таа смисла, транзит преку границите согласно нашиот регионален план и договор сметаме дека не е ризик. Насекаде е слична и малтене иста епидемиолошката ситуација и секаде важат мерките. И секаде се истите проблеми – дека има нови случаи таму кадешто овие мерки не се почитуваат.
На почетокот на кризата многу малку се знаеше за вирусот, имаше очекувања кои не се остварија, не само кај нас туку и насекаде во светот, согласно искуствата од некои други епидемии на вируси од истото семејство како SARS-CoV-2. Меѓутоа, еве, сега гледаме дека е тука, насекаде во светот, vо Европа so огромен број илјадници случаи во европските земји, и секаде се препорачуваат овој тип на мерки. Значи превенцијата со маските и со одржувањето на дистанца е нешто што може да нѐ штити и да ја пребродиме зимата и да не го загрозиме болничкиот капацитет, кој е еден од главните параметри што сега го следиме“, рече министерот.
Секаде каде што се почитуваат, доколку се почитуваат донесените мерки и протоколи, нема ризик од трансмисија на вирусот, потенцираше притоа Филипче, во контекст на тоа дали претстојниот викенд без ДДВ или преполните градски автобуси можат да придонесат во ширење на вирусот.
Дека најмногу трансмисија на вирусот се случува на домашните собири, Филипче потенцираше и кога беше прашан кој ќе го контролира бројот на гости. Најважно во таа мерка, истакна, е граѓаните да бидат свесни и да знаат што треба да избегнуваат (повеќе ТУКА).