ФИФА годинава регистрирала 11.000 трансфери


Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) во вторникот објави дека во 2024 година се направени рекорден број од 11.000 регистрирани меѓународни трансфери, што е зголемување од 4,8 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Исто така, беше објавено дека клубовите ширум светот потрошиле повеќе од 6,4 милијарди долари за обештетување, што е втора најголема сума во историјата, но и намалување од 13,06 отсто во однос на рекордот лани.

Убедливи лидери кај потрошувачите се европските клубови со 5,58 милијарди долари, а доминираат англиските клубови кои само за време на летниот преоден рок потрошиле 1,6 милијарди долари.

Сепак, и таа сума претставува пад од 15,5 отсто во однос на лани кога англиските клубови потрошија две милијарди долари.

И клубовите од Саудиска Арабија забележаа пад на расходите од 50,74 отсто, по ланските 875 милиони долари, саудиските клубови годинава потрошија 431 милион долари, но оваа бројка треба да се зголеми со оглед на тоа што преодниот рок во таа земја трае до октомври.

Зголемување на прометот е забележано и кај трансферите на фудбалерките, годинава клубовите за обештетување потрошиле 6,8 милиони долари, што е повеќе од двојно во однос на лани.

- Реклама -