Фестивалот на комарци во Русија

c2af20d90c0c49b7b478ebd972f8b884[1]

Викендов во градот Березники, на фестивалот на комарците, победник е деветгодишната Ирина Илјукина, со 43 убоди од комарци со кои се здобила додека берела бобинки во шумата со мајка ѝ. Зошто берела бобинки? Затоа што тоа е најдобриот начин да биде искасана, и со тоа е пропишан во правилата на фестивалот. Како награда за победата во категоријата „највкусно девојче“, Ирина доби керамички пехар.

Во принцип, и традиционално, учесниците на фестивалот на комарци – ловат комарци. Победник е тој што има најмногу фатени во теглата за пребројување. Оваа година, на четвртото издание на фестивалот, околностите се малку поинакви. Заради необично топлото и суво време во градот под Урал, бројот на комарци е драстично намален, па ловот беше откажан.

Инаку лани, натпреварувачките во „најслатко девојче“ мораа да стојат во шорцеви и маички со прерамки и да им дозволат на комарците да се гостат цели 20 минути, но резултатот не беше доволен за да го сруши рекордот од 2013, кога победничката собра над 100 каснувања.

Во натпреварот има и други дисциплини, како играње на тематска музика (тематски песни во кои се пее за комарци), натпревар во скара, најдобар костум и сл.

pic_bae415d0dd006bc6ae9dc09c0af419b8[1]

Инаку фестивалот во Русија не е единствен. Има таков и во Тексас, ама таму нема натпревар во собирање на каснувања, а згора на тоа, има и зика. Во Русија, пак, нема опасност од пренесување на болести, затоа што земјата е студена речиси преку целата година. Таму најлошото што може да ти се случи е неколкудневно чешање. За младата Ирина, вредеше.

- Реклама -