„Не ги забораваме културните работници. Нашата култура и ромската традиција мора да ги негуваме. Затоа ќе направиме, не само на хартија, туку на виделина, нов-културно уметнички дом со име Есма Реџепова“ кажа кандидатот за градоначалник на општина Шуто Оризари од СДСМ и коалицијата Ферат Асан на трибината „Најдоброто за мојата општина“.
Тој додаде дека уметниците ќе може да го користат тој дом за творење, но и за промоција на нивните творби кои ќе помогнат за негување на културата и традицијата.
„Ние сме најшарената точка во државата, ние сме шареноликоста што ѝ недостасува на земјата. Ние, Ромите, додаваме убавина на оваа наша држава. Затоа ќе ја негуваме нашата култура, бидејќи традицијата мора да продолжи“ рече Асан.
Тој вети и изградба на младински културен центар во општината, каде што младите ќе може да се социјализираат и едуцираат преку едукативни развојни програми.
Кандидатот за градоначалник најави и отворена врата на општината за идни инвестиции, со цел разој на приватниот сектор и повеќе вработувања во општината.
„Шуто Оризари е атрактивна општина за инвестиции. Имаме големи парцели близу обиколницата и ние мора да понудиме на приватниот сектор да се развива. Тоа е иднината на нашите деца, од тука ќе напредуваме и тука ќе вработуваме луѓе“, порача Асан.