„Фајненшл Тајмс“: Добросостојбата и опстанокот на Северна Македонија ќе зависи од задоволството на Албанците

Преспанскиот договор со кој е решен Грција и Северна Македонија околу името на поранешната југословенска република е за секоја пофалба, пишува колумнистот Тони Барбер за „Financial Times“. Но истиот не може да биде образец за решавање и на другите спорови на Балканот, смета тој.

Преспанскиот договор не може да биде рецепт, иако ги оживеа надежите за решавање и на другите регионални прашања (како односите на Србија и Косово, етничките ривалства и уставниот ќорсокак во Босна и Херцеговина, затегнатите грчко-албански односи), бидејќи секој од овие проблеми е приказна сама за себе. Пред сè, пишува Барбер, Грција и Северна Македонија не војуваа, а меѓу нив немаше ни меѓуетнички тензии во мешовити заедници, што е меѓу најважните елементи за војните во БиХ и на Косово. Спорот околу името, иако отвори сериозни прашања околу спротивставените права на симболите и суштината на националниот идентитет преку националните митови и култура, во суштина беше дипломатски проблем кој требаше и беше решен со дипломатски средства, смета тој.

Според Барбер, Преспанскиот договор е најголем дипломатски успех на Западниот Балкан од Дејтонскиот договор од 1995 година. Со него, потсетува тој, тогашната Поранешна Југословенска Република Македонија прифати да го промени името во Северна Македонија, со што требаше да се потврди дека земјата нема претензии кон грчкиот регион Македонија. Од друга страна, Грција го призна правото на словенското мнозинство во Северна Македонија за својот јазик и националност да го користат терминот „македонски“, пишува тој.

Барбер го цитира ексминистерот за надворешни работи на Грција – Никос Коцијас, еден од архитектите на договорот, кој изјави дека „историјата треба да биде школо, а не зaтвop“. Тоа е доста амбициозен став да се има на Балканот, смета колумнистот, наведувајќи дека постигнатиот компромис од страна на премиерите на двете земји подразбирал голема политичка храброст, особено што на двете страни имаше и силно противење.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Сепак, пишува тој, за Преспанскиот договор на крајот од денот ќе се суди според тоа дали ќе обезбеди долгорочна стабилност во Северна Македонија. А за такво нешто се потребни три услови, смета Барбер:

Првиот е отворање на членство во ЕУ за Северна Македонија и Албанија, со оглед дека влезот во Унијата би ги обесмислил граничните спорови, а и евентуалните обиди на националистите во Тирана и на Косово да го искористат незадоволството на Албанците во Северна Македонија.

Вториот е противниците на Договорот од двете страни на границата да не се обидуваат да го поништат.

Третиот е сè повидливото прашање на Балканот: Дали Албанците ќе бидат задоволни со моменталната состојба во која се раздвоени во Албанија, Северна Македонија и Косово, или ќе се обидат да се обединат во Голема Албанија, што може да предизвика голема опасност од регионални конфликти, смета Барбер.

За тоа да се избегне, констатира тој, европските и балканските политичари мораат да ги уверат Албанците дека нивните барања за благосостојба, граѓански права и европски интеграции го добиваат потребното внимание. Од тоа, подеднакво колку и од Преспанскиот договор, ќе зависи просперитетот, па и самиот опстанок на Северна Македонија, заклучува Барбер.

- Реклама -