Ф1: Хорнер добил совет од шефовите да го напушти Ред Бул

Кристијан Хорнер добил совет од неговите шефови доброволно да го напушти Формула 1 тимот на Ред Бул, објави денеска неофицијално извор од компанијата.

Хорнер е под истрага за „несоодветно однесување“, а жалбата доаѓа од негов колега кој се пожалил до матичната компанија на Ред Бул и Рејсинг Булс, пишуваат британските медиуми.

Ред Бул ја потврди истрагата, која ја води адвокат надвор од компанијата, специјалист за вакви случаи. Според непотврдени извештаи, Хорнер испраќал слики од себе на својата колешка, а шпекулациите се различни за тоа колку биле „недискретни“. Повторно, според непотврдени информации од компанијата, против Хорнер има „цврсти докази“.

Исто така, од Ред Бул прецизираат дека не очекуваат истрагата да биде завршена до 15 февруари, кога е закажано претставувањето на светските шампиони пред новата сезона во Формула 1, но исто така не се знае дали Хорнер ќе учествува на церемонијата.

Хорнер за британските медиуми ги негираше сите обвинувања, но не сакаше дополнително да коментира на оваа тема. Тој е на чело на Ред Бул од влегувањето на компанијата во Формула 1 во 2005 година и моментално е тимски шеф со најдолг стаж во светскиот шампионат.

- Реклама -