Европска агенда на премиерот: Заев во работни посети на Брисел, Мадрид и Атина

Премиерот Зоран Заев од денеска ја започнува европска работна агенда која опфаќа работни посети на Брисел, Мадрид и Атина.

Во седиштето на Европската Унија во Брисел, придружуван од вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров, и министерот за надворешни работи – Бујар Османи, Заев ќе оствари работни средби со претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент – Давид Сасоли, со Јосеп Борел – потпретседател на Европската комисија и Висок претставник за надворешна политика на ЕУ, со извршниот потпретседател на Европската Комисија – Франс Тимемерманс, и со Оливер Вархеји – еврокомесарот за соседска политика и проширување, информираат од Владата.

За време на посетата на Брисел, премиерот ќе има средба и со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја членка и актуелен претседавач со ЕУ.

Во Брисел, Заев ќе се сретне и со европарламентарците Дачиан Чолос – претседавач на групата Europe Renew, Илхан Ќучук – известител за Северна Македонија, и Мирослав Лајчак – специјален претставник на ЕУ.

Од Брисел, Заев и Димитров заминуваат за Мадрид, главниот град на Кралството Шпанија, што ќе биде прва посета на оваа земја на премиерско ниво. Во Мадрид, Заев ќе се сретне со шпанскиот премиер Педро Санчез и со претседателката на шпанскиот Сенат – Пилар Лоп Куенка, а во рамки на посетата и со претседателот на Шпанската конфедерација на работодавачи – Антони Гараменди.

Европската агенда на премиерот ќе заврши со работна посета на Атина и со учество на Економскиот форум Делфи, заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за економија Крешник Бектеши. Во Атина, Заев ќе има средба со грчкиот премиерот Киријакос Мицотакис.

На маргините на Економскиот форум Делфи, Заев ќе има одделни средби и со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, со поранешниот премиер на Велика Британија – Тони Блер, како и со други политички претставници од меѓународната сцена и со претставници на компании и стопански комори, додаваат од Владата.

- Реклама -