„Македонците имаат уште многу нешта за поправање“, изјави вчера од Брисел бугарскиот премиер Бојко Борисов, прашан за коментар околу неотпочнувањето на преговорите на Северна Македонија со Европската унија.
„Да не ме разберете погрешно, но сè додека се спори дали Гоце Делчев Бугарин или Македонец, сè додека се ситничари на такви теми за едни херои кои очигледно биле и за Бугарија и за Македонија, за родниот крај, и нашите најубави песни се поврзани со нив… Сè додека тоа е темата, и опозицијата постојано ме прашува што и како прави комисијата… Нека дозреат. Не ме сфаќајте погрешно“, одговори тој.
Прашан дали стравува дека кочницата од Бугарија ќе им даде поттик на антиевропските сили во Северна Македонија, Борисов одговори дека нему му се поважни „антибугарските“ и сугерираше дека проблемот мора да се реши пред да почнат преговорите, бидејќи во спротивно Бугарија би се нашла во поинаква политичка ситуација во која може да биде претставена како попречувач на евроинтеграцијата на земјава:
„Нас ни треба време да потпишеме и да ја завршиме работата на Комисијата. Во време на преговори, тогаш веќе влегуваме во една друга ситуација. Тогаш ќе речат: ‘Бугарија нè запира’,’Бугарија нè спречува’… Тоа јас не можам да го дозволам. Бугарија направи сè и тие беа лансирани кон небото. Сега ТИЕ треба да направат компромиси во Комисијата. И антибугарската реторика… (*новинарот го потсетува дека го прашал за антиевропските сили) …Не, јас зборувам за антибугарската. За мене е поважна антибугарската“, одговори Борисов, додавајќи дека кој и да сака да биде во Европа, мора внимателно да зборува. За пример Борисов се посочи тој самиот и неговиот дипломатски говор во однос на Турција, Грција и Кипар.
Денеска со полуофицијална реакција на изјавата на Борисов се огласи и неговиот македонски колега Зоран Заев, преку Фејсбук. Заев порачува дека за да успеат, Македонците и Бугарите треба „заедно да зреат“:
„Со Бугарија потпишавме договор за пријателство и соработка, а не за проблеми и јавни препyкyвања. Се договоривме дека заедничките моменти од минатото треба да нѐ спојуваат, а не да нѐ раздвојуваат.
Искуствата од историските комисии ширум светот и Европа покажуваат дека соработката бара време, труд, трпение, почит кон другиот и голема взаемна посветеност. Но, пред сѐ, потребна е заедничка идеја да одиме напред. Ние знаеме дека таа идеја е жива и сме покажале дека за најделикатните прашања може да се најде заеднички јазик, ако се сака.
За да успееме треба заедно да зрееме. Пријателството мора да биде двострано и взаемно“, напиша Заев.
Во меѓувреме, во угледниот лондонски медиум EurActiv, новинарот и постар уредник со бугарско-белгиско потекло (како што му пишува на Твитер) – Георги Готев, пишува статија со наслов: „Борисов ја предупреди Северна Македонија околу кpaдењето на Бугарската историја“.