ЕУ: Работодавачите не смеат да консултираат друштвени профили при вработување

Како што знаете, или барем насетувате, повеќето работодавачи ги проверуваат онлајн профилите на кандидатите пред да ги вработат или земат во предвид за вработување.

Бидејќи тоа често резултира со дискриминација по најглупи можни основи (на пример, колку ти е среден профилот), европските официјални претставници издадоа нови насоки за процесот на регрутирање на нови работници, според кои работодавачите не смеат тајно да им ги гледаат профилите на друштвените мрежи на кандидатите за работното место. Притоа, се мисли на било кој личен профил на онлајн мрежата: Фејсбук, Инстаграм, Твитер, па дури и LinkedIn (кој е специјализиран токму со таа намена, да служи како работно резиме и да ги поврзе корисниците со потенцијалните вработувачи).

На вработувачите им се забранува и било какво собирање на податоци од друштвените мрежи како дел од процесот на вработување, освен во случаи кога е (стварно, ама стварно) „неопходно и релевантно“ за позицијата на која вработуваат.

Според една од препораките, доколку работодавачите сепак имаат желба да ги погледнат друштвените профили, тоа ќе треба јасно да му биде дадено на знаење на кандидатот. Во спротивно, ако кандидатот не е известен, работодавачот ќе влезе во конфликт со новите правила за заштита на податоци на Европската унија.  Ако кандидатот има Фејсбук профил, тоа не значи автоматски дека сите имаат дозвола да ги користат неговите лични податоци, се образложува во насоките.

… А ако нема Фејсбук профил, или има – ама не е апдејтиран од ’92-ра, тоа не значи дека човекот не е жив и не треба да јаде, или дека нема да го бива за работата – образложува здравиот разум.

Овие нови правила за заштита на податоците, заедно со низа други, Европската унија ќе ги воведе во мај 2018-та.

- Реклама -