ЕУ ѝ објавува „војна“ на белата техника што се расипува веднаш по истек на гаранцијата

Европската унија планира да воведе таканаречено „право на поправка“, односно серија од законски предлози кои би ги приморале производителите да произведуваат поквалитетни и со тоа подолготрајни уреди за кои би постоеле резервни делови и кои лесно би можеле да бидат поправани.

BBC зборува во името на секој потрошувач кога пишува дека е навистина фрустрирачки да купите уред кој станува неупотреблив ако се расипе по истекот на гаранцијата. Тогаш единствено ви преостанува да купите нов, но токму затоа ЕУ и одредени делови од САД инсистираат на „правото на поправка“.

Европскиот предлог, кој се разгледува и во 18 американски држави, се однесува на големите куќни апарати, но и телевизорите и расветата. Причини за ваквата иницијатива има повеќе.

Имено, меѓу 2004 и 2012 година, процентот на уреди кои се расипале во првите пет години од употребата се зголемил од 3.5% – на 8.3%, што со оглед на вкупниот број на произведени уреди – е огромен скок. Згора на тоа, анализата покажала дека повеќе од 10% од фрлените машини за перење се стари помалку од пет години. Се разбира, тоа има удел и во загадувањето на животната средина – проблем што директно би се ублажил кога апаратите би биле поквалитетни и би траеле подолго, бидејќи ќе нема потреба од нивна честа замена.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

Производителите се противат на иницијативата. Тие тврдат дека предложените правила за поправки се премногу строги и дека ќе ја отежнат иновацијата. Тие предупредуваат дека нацрт-законот го ограничува пристапот до пазарот и дека отстапува од меѓународно препознатливите пракси.

Активистите за заштита на потрошувачите, од своја страна, имаат поинакво гледиште. Тие ја критикуваат Европската комисија дека токму таа им овозможила на производителите да го контролираат процесот на поправка, и тоа преку инсистирање најголемиот дел од уредите да мораат да бидат поправани од професионални мајстори кои пак се контролирани од производителите:

„Со тоа на независните мајстори (се мисли и на самите потрошувачи) им се ограничува пристапот до резервни делови и информации, па не можат да си дозволат самостојни поправки“, наведуваат, на пример, од Европското биро за заштита на животната средина. Како контра-аргумент на ова, производителите го наведуваат стравот дека неовластените сервисери ќе ги оштетат уредите кои се обидуваат да ги поправат, и дека со тоа потенцијално ќе ја направат поопасна нивната употреба.

- Реклама -