ЕП одлучи: Наскоро задолжителни безбедносни системи за контрола на возачите, во секој автомобил

Европскиот парламент одобри воведување на нови правила за вградување на безбедносни технологии во новите, а нешто подоцна и во постоечките автомобили.

Според тоа, од мај 2022 година – во новите модели, а од мај 2024 година – и во постоечките модели, ќе биде задолжително вградувањето на интелигентниот систем за помош при контрола на брзината (ISA), системот за олеснување на вградувањето на уреди за блокирање во случај на возење под влијание на алкохол, систем за предупредување на возачот во случај на поспаност и намалено внимание, напреден систем за предупредување во случај на откраднато внимание на возачот, систем за итно запирање, систем за детекција при возење наназад, како и систем/уред за снимање податоци за настаните при возењето, или со други зборови – автомобилска „црна кутија“.

Според проценките на експертите кои стојат зад новите правила за возилата во земјите од ЕУ, на ниво на Унијата системот ISA би можел да го намали бројот на cмpтни случаи на патиштата за околу 20%.

„ISA на возачите ќе им овозможува повратна информација врз основа на мапата и следење на сообраќајните знаци секогаш кога ќе се пречекори дозволената брзина. Не воведуваме ограничување на брзината, туку интелигентен систем со чија помош возачите точно ќе знаат кога ја пречекоруваат дозволената брзина. Тоа не само што сите ќе нè направи побезбедни, туку и ќе им помогне на возачите да избегнат казни поради брзо надминување на дозволената брзина“, вели Роза Тун, задолжена за предлог-законот во Европскиот парламент.

Новости ќе има и за камионите и автобусите. Тие ќе мораат да бидат проектирани и дизајнирани така што и најзагрозените учесници во сообраќајот – велосипедистите и пешаците, во секој момент да бидат видливи за возачот. Тоа значи дека ќе бидат опремени со дополнителни елементи со крајна цел што е можно повеќе да се намалат слепите точки од предната и бочните страни. Технологијата на непосредно/директно видно поле, новите модели на камиони и автобуси ќе ја добијат од ноември 2025-та, а постоечките модели – од 2028 година.

Како што наведуваат од ЕП, новите правила вклучуваат и подобрувања во пасивната безбедност, како дополнителни тестирања на издржливоста на судири, директни и бочни, а со тоа и на ветробранските стакла, со цел да се намали тежината на евентуалните пoвpеди на пешаците и велосипедистите.

Преостанува регулативата на ЕП да ја одобри и Советот на министри на ЕУ, но во оваа фаза тоа веќе се смета за безмалку чиста формалност.

- Реклама -