Елиф Елмас со голем ентузијазам ја прифати понудата од Ред Бул Лајпциг и за сума од 24 милиони евра се пресели во Германија, но неполна година подоцна, изгледа дека овој потег не беше оној вистинскиот.
Македонскиот „дијамант“ се доведе во ситуација да добива минутажа и да темпира форма само кога игра за националниот тим, бидејќи бројките кои ги има во Лајпциг од стартот на сезоната се навистина поразителни.
Елмас не одигра ниту еднаш во Бундеслигата и зад себе има само 7 минути против Атлетико Мадрид во Лигата на шампиони, но ако се соберат и бројките од премиерната полусезона во Бундеслигата, впечатокот не е ништо подобар.
Елиф одигра 274 минути на 16 настапи и тоа е премалку за играч кој беше пречекан како голема ѕвезда, па поради тоа, угледниот „Билд“ најавува дека може да дојде и до сензационално трансфер сценарио во јануари.
Познатиот медиум тврди дека примарна цел на Елмас се уште е да се наметне кај тренерот Марко Розе и да ја дочека својата шанса, но доколку тоа не се промени до крајот на годината, голема веројатност ќе биде да видиме негов трансфер.
„Билд“ информира дека македонскиот репрезентативец се уште е многу популарен на италијанските трансфер пазар, но првичните прогнози водат кон тоа дека би можел да направи интересен кам-бек во Наполи. Германскиот таблоид верува дека Антонио Конте не би имал ништо против враќање на некогашниот „џокер“ во системот на Лучијано Спалети, а дали навистина ќе дојде до вакво нешто, најверојатно ќе дознаеме во наредните два ипол месеци.
Поради слабата минутажа во Германија, трансфер вредноста на Елмас изминатово лето падна на 20 милиони евра, а по првите два месци во новата изнесува 15 милиони евра според „Трансфермаркт“.