Електронските направи во детските соби го зголемуваат ризикот од прекумерна тежина

Ако вашето дете минува премногу време пред телевизор или друга електронска направа навечер, тогаш има зголемен ризик од прекумерна тежина и проблеми со срцето.

Во најверојатно првата студија која наоѓа врска помеѓу спиење, исхрана и физичка активност кај децата, Канадски истражувачи откриле дека само еден час повеќе спиење ги намалува шансите за прекумерна тежина за околу 30 проценти.

„Ако сакате вашите деца да спијат подобро и да имаат поздрав живот, тогаш исфрлете ја технологијата од нивните соби“ изјавил Пол Вогелер, професор од School of Public Health при Универзитетот од Алберта во Канада и ко-автор на студијата.

Научниците набљудувале околу 3400 ученици од петто одделение (на возраст помеѓу 9 и 11 години) и откриле дека половината од нив имаат барем една електронска направа во нивната соба. Тие деца имале 1,47 пати повисок ризик од прекумерна тежина од оние деца кои немале никаква направа во својата соба.

Децата кои имале три електронски направи во своите соби пак имале 2,57 пати зголемен ризик. Кристина Фунг, ко-автор на студијата, додала дека децата не спијат колку децата од претходните генерации, и дури две третини не ги исполнуваат препорачаните осум часа во една ноќ.

Таа додала: „Многу е важно овие деца уште на млада возраст да почнат да учат здрави навики. Добриот сон често се поврзува со подобри успеси во училиште, помалку проблеми со однесувањето како и многу здравствени придобивки.“

- Реклама -