Експерт: Ако Русија почне да плаќа во рубљи, Бугарија треба да го прекине транзитот на руски гас

Софија, 12 март 2022 (МИА) – Експертот за енергија во бугарската невладина организација „Центар за проучување на демократијата“ – Мартин Владимиров, изјави за БНР дека неговата земја има право да го прекине транзитот на рускиот природен гас доколку не ја добие достасаната исплата според договорот.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Владимиров потсети дека следната недела има рок за плаќање на преносот на гас преку Бугарија.

Руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, на видео брифинг потсети дека Бугарија е меѓу 48-те земји на листата на непријателски земји на Москва, што значи дека сите плаќања кон Бугарија ќе се вршат во рубљи.

Експертот предупреди дека на Бугарија ѝ се заканува загуба од две милијарди лева (една милијарда евра) од инвестициите во Турски поток изграден преку нејзина територија, доколку „Гаспром“ побара да го плати транзитот на рускиот гас во руски рубљи. Владимиров рече дека Бугарија не треба да подлегне на притисокот од Москва и секоја акција за повторно преговарање за договорите за гас треба да се координира со Брисел.

Според него, најверојатно во договорот за транзит на руски гас преку Бугарија пишува дека плаќањата се вршат во американски долари, инаку исклучителен ризик е Бугарија да се согласи да ги прима своите плаќања во руски рубљи, со оглед на тоа што руската валута е депрецирана на меѓународните девизни пазари.

- Реклама -