Годината е 1980-та. Во Албени, Лери Холмс се соочува со Мухамед Али кој веќе почнува да старее, во меч за светската титула. Али го губи мечот, но оваа борба ќе стане никулец на една друга шампионска кариера. Некаде во публиката, седи 14-годишно момче по име Мајк Тајсон.
Идниот светски шампион е дојден на натпреварот со својот тренер и втор татко – Константин Кас Д’Амато. Дојдени се од Катскил во Њујорк – оддалечен на околу еден час возење, специјално за да го гледаат натпреварот. Мајк Тајсон го сведочи поразот на Али, и така лут на Лери Холмс, ветува дека ќе се одмазди за тоа што тој му го направил на неговиот најголем идол.
„Кас многу сакаше да го победам. Бев навреден од начинот на кој го порази Али. На враќање кон Катскил никој не рече ниту збор во колата. Бевме многу вознемирени. Следното утро Кас му се јави на Мохамед Али и му рече: ‘Тука имам едно младо црно дете кое еден ден ќе биде светски шампион, сакам да зборуваш со него’ “, раскажува Тајсон во интервјуто за ESPN во 2011 година. Потоа Тајсон ја превзема слушалката и му вели на Али:
“Кога ќе пораснам, ќе се борам со Холмс и ќе се одмаздам за тебе”.
Мајк го памети дури и датумот – 2 октомври. Тогаш Мајк сé уште не го носеше прекарот Железниот Мајк, бидејќи имаше 14 години, но и така млад, тој никогаш не го заборава ветувањето.
Седум години подоцна, Тајсон се среќава со Холмс. Али е поканет како гостин во аголот на Тајсон. Се качува на рингот и му шепнува во увото: „Не заборавај што ми вети: Одмазди ме“.
Четири рунди без седум секунди подоцна, Холмс е нокаутиран по третиот нокдаун во рундата. Со тоа Тајсон ја одбранува светската титула, но уште поважно, го исполнува даденото ветување.
https://youtu.be/FyZFkp_rWHo
За жал, Кас Д’Амато не е таму да го види. Човекот кој го посвои Тајсон умира една година пред Мајк да стане најмладиот шампион во тешка категорија – на само 20 години.
„Сакав да бидам голем шампион, да се борам, да ги нокаутирам противниците. Доаѓам од никаде, човек со вакво потекло и вакви родители – мајка ми беше проститутка, а татко ми – макро. Го запознав Кас Д`Амато и ме одведе на места на кои не сум ни сонувал дека ќе одам“, раскажува Тајсон во споменатото интервју.
„Сé што Кас ми зборуваше се оствари – тоа дека ќе бидам светски шампион и дека никој никогаш нема да ме заборави“.