Обемното истражување во Шпанија за коронавирусот покажа дека само 5% од популацијата развила антитела на Ковид-19. Тоа дополнително ги потврдува претходните докази дека колективен имунитет е речиси невозможен без голем број жртви.
Според наодите на студијата, 95% од населението на Шпанија и понатаму е подложно на заболување од коронавирусот, што е далеку од посакуваниот висок процент потребен за постигнување на таканаречениот имунитет на стадо.
Како што посочуваат од Европскиот центар за контрола на болести, се работи за едно од најголемите европски серолошки истражувања за Ковид-19, во кое се тестирани над 61 илјади луѓе.
Слични студии и во Кина и САД исто така покажаа дека најголемиот дел од популацијата не бил изложен на вирусот, дури и во подрачјата во кои имало повеќе жаришта и значителен број заразени, како што стои во угледното медицинско списание Lancet, каде е објавено споменатото истражување.
„Со оглед на овие наоди, секој пристап кон пандемијата кој предлага постигнување на колективен имунитет по природен пат не само што е неетичен, туку и неостварлив“, изјавија коментаторите од Lancet – вирологот и директорка на Женевскиот центар за вирусни болести – Изабела Екерл, и вирологот Бенџамин Мејер од Универзитетот во Женева.
Освен тоа, научниците сѐ уште не се сигурни ниту колку долго трае заштитата што ја пружаат создадените антитела, ниту пак дали таа заштита целосно штити од нова зараза со коронавирусот.
Шпанската студија, спроведена од водечките шпански владини агенции за истражување и епидемиологија, почна уште во април, кога државата беше под строг карантин.
„Релативно ниската серопреваленција која се забележува во контекст на интензивната епидемија во Шпанија би можела да послужи како пример за другите земји. Во моментов е тешко да се постигне колективен имунитет без колатерална штета, односно без голем број мртви меѓу ранливата популација и без преоптоварување на здравствените системи“, се вели во заклучокот од истражувањето.
Како што објаснува за CNN Марина Полан – предводник на студијата и директорка на шпанскиот Национален центар за епидемиологија, многу експерти сметаат дека за колективен имунитет е потребно антитела да развијат 60% од населението.
Шпанија беше една од најпогодените земји во Европа. До моментов има речиси 299 илјади потврдени случаи и 28.4 илјади починати.
Што се однесува до резултатите од истражувањето, треба да се напомене дека во Мадрид и Барселона процентот на население што развило антитела е нешто поголем. Во Мадрид, кој беше најтешко погодено подрајче во земјата, повеќе од 10% развиле имунитет, додека во густо населената Барселона 7% од жителите развиле имунитет. Затоа пак, многу други региони, особено крајбрежните, имаат далеку пониска стапка на имунитет.
Генерално гледано, според резултатите од првата фаза од студијата, која беше спроведена од 27 април до 11 мај, само 5% од Шпанците развиле имунитет. Резултатите од втората фаза, објавени на 4 јуни, покажаа дека 5.2% од Шпанците имаат антитела. Резултатите од третата фаза беа објавени денеска и ги потврдија претходните заклучоци – само 5.2% од Шпанците имаат антитела против Ковид-19.
Слично истражување за кое пишувавме во јуни, спроведено во Бергамо, покажа дека 57% од тестираните имаат антитела, но по цена од 568% (да, петстотини шеесет и осум отсто) повеќе починати во март отколку просекот во периодот 2015 до 2019 година.