Единствен услов за отворање на поглавјата се уставните измени, изјавата на бугарската вицепремиерка била политичка – вели Маричиќ

Единствен услов за отворање на првиот кластер се уставните измени, останати изјави се политички став, вели вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Одговарајќи на новинарски прашања за изјавата на бугарската вицепремиерка, Марија Габриел, Маричиќ кажа дека договорите за добрососедство и Преспанскиот се ставени во преговарачка рамка и државата ќе ги почитува до крајот на преговорите. Тој денеска беше панел учесник на дискусијата „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“ која се одржа во Даут пашин амам во Скопје.

„Изјави имало порано и ќе има и понатаму. Нам ни е битно што пишува во заклучоците во Европскиот совет. Во заклучоците на Европскиот совет пишува дека штом се направат уставните измени, веднаш без никакво натамошно одлагање, без нова политичка одлука – што е многу битно, ќе има втора меѓувладина конференција на која ќе се отвори првиот кластер. Секако, во поширока смисла договорот за добрососедство и Преспанскиот договор се ставени во Преговарачката рамка како дел од добрососедските односи, така што ние ниту сме кажале дека тоа нема да се почитува ниту сме кажале дека некој од нашите договори со соседите нема да се почитува и тоа ќе биде како прашање до крајот на преговорите. Протоколите што се потпишани се спроведуваат и треба да се спроведуваат, но тоа не е услов за отварање на првиот кластер. Единствен услов за отворање на првиот кластер се уставните измени и тоа јасно го пишува во заклучоците на Европскиот совет, секоја друга изјава ја гледам само како политичка, политички став“, кажа Маричиќ.

„Секоја држава која ќе оди напред е добра вест за нас и легитимно право е секој да се бори да го задржи темпото“, смета вицепремремиерот во однос на тоа дали Албанија ќе продолжи сама. Тој додава дека сепак тоа зависи од консензусот на државите од ЕУ, а Албанија во моментов го нема. Посочувајќи примери во минатото, Маричиќ рече дека државата не треба да заостанува, треба да си ги сработи обврските.

„Лоша вест е што ние нема да одиме напред, а не Албанија што ќе оди, доколку оди. Во овој момент нема согласност за Албанија. Ние веруваме дека најдобро е да одиме заедно, бидејќи заедно го завршивме и скринингот, но доколку Албанија продолжи, само ќе честитаме и тоа ќе го поздравиме, а ние треба да се бориме да си го задржиме тоа темпо да не заостанеме, затоа што секое заостанување нè чини многу нас како држава, нашите граѓани со сите можности што ги имаме. Така што ние треба да ги гледаме нашите обврски и да работиме за ние да одиме напред, а останатите секако ќе се борат за да се движат напред и тоа е легитимно“, вели вицепремиерот.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

Маричиќ смета дека сите проблеми, корупција, владеење на право можат да се надминат доколку се зајакнат институциите, посочувајќи дека проблеми со корупција можат да се надминат за четири-пет години, посочувајќи го примерот со Хрватска.

Одговарајќи на новинарски прашања, вицепремиерот истакна дека и државата пред седум години била „заробена држава“, што било верификувано во извештаите на Европската комисија. Тој нагласи дека за целосно менување на сликата е потребно јакнење на институциите и имплементација на законите, подобрување во делот каде што има потреба. Шанса има и треба да се искористи, дециден е Маричиќ.

Во однос на политичките прашања, како тоа дали може со ДУИ да се излезе со заеднички кандидати, тој нагласува дека како партија дале јасен сигнал за формирање на европски фронт од политички партии без разлика на идеологија и етнички предзнак кои се залагаат за членство во ЕУ до 2030 г.

„Сигурен сум дека во наредниот период, најдобро е тоа да го прашате премиерот, ќе има можност за разговори со сите политички лидери, мислам дека веќе и се разговара, а исходот… ќе видиме тие разговори како ќе бидат, ќе се процени што е тоа најдобро. Според мене во Северна Македонија постојат два блока, едните кои се за брзо членство во ЕУ со надминување на сите проблеми, а другите кои сакаат да останеме сè уште во чекалната и чекањето да ни биде стратегија“, кажа Маричиќ.

- Реклама -