Британските техно-диџеи Џејмс Раскин и Оливер Хо – вечерва и шведското
дуо "Слем" утре се двете журки кои ќе се одржат во "Колосеум", во
најава на фестивалот "Егзит". Со нив ќе настапат диџеј Вегим од Косово,
македонските техно-диџеи Флудер, Горан Кан и виџеј Индог.
Британските техно-диџеи Џејмс Раскин и Оливер Хо – вечерва и шведското дуо "Слем" утре се двете журки кои ќе се одржат во "Колосеум", во најава на фестивалот "Егзит". Со нив ќе настапат диџеј Вегим од Косово, македонските техно-диџеи Флудер, Горан Кан и виџеј Индог.
Влезниците се по 250 денари во претпродажба и важат за двата настана, а може да се купат во "Југотон", "Венеција", "Флуид", "Аква", "Егзит", "Ливинг рум" и во "Чек поинт". На врата ќе чинат 300 денари.
Раскин, Хо и дуото Слем се премиерно во Македонија и важат за пионери и извонредни техно-продуценти и диџеи со изданија за музички куќи кои го дефинираат правецот.
Двете журки го најавуваат "Егзит" и дел од она што ќе се случува на Петроварадинска тврдина во Нови Сад од 12 до 15 јули. Прогласен од новинарите за еден од најдобрите пет фестивали во Европа и дефинитивно најголем регионален фестивал, годинава, меѓу другите, ќе биде домаќин на: Лорен Хил, "Бејсмент Џекс", "Ву – Танг клан", "Бисти бојс", "Грув Амада", Роберт Плант, Снуп Дог, Дени Тенаглија, Џон Дигвид, Роџер Санчес, Трентемолер, Ричи Хотин, Магда и Ерик Приц, кои ќе настапат на двете главни, од вкупно петнаесетината сцени на "Егзит".
Билетите за фестивалот се во продажба и можат да се набават во "Југотон" по специјална цена од 55 евра, која вклучува четиридневна влезница, превоз и сместување во камп.