Два пиштола на Наполеон одат на наддавање


Два богато украсени пиштола кои му припаѓале на Наполеон I до неговата прва абдикација во април 1814 година и со кои сакал да се самоубие ќе бидат понудени на наддавање во недела во близина на Париз, објави аукциската куќа Osenat.

Пиштолите се продаваат во дрвени кутии и со додатоци. Тие се украсени со злато и сребро и го носат ликот на императорот, а нивната вредност се проценува на 1,2 до 1,5 милиони евра, изјави експертот на Osenat, Жан-Пјер Осенат.

Наполеон „специјално ги нарачал од занаетчијата Луиј Марен Госет, кој работел во манифактурата во Версај“, рече тој.

Пиштолите се поврзани со неговиот обид за самоубиство во Фонтенбло, во близина на Париз, ноќта меѓу 12 и 13 април, бидејќи бил разочаран од воениот пораз.

Но, бил спречен во тоа од неговиот главен коњушар Коленкур (Арман Огистен Луј, маркизот од Коленкур, војводата од Виченца, 1773-1827), кој го извадил барутот од пиштолот. Наполеон потоа го зел отровот, но го фрлил и не умрел, вели Осенат.

„Тогаш императорот му подари два пиштола со меч на Коленкур за неговата лојалност во тие црни денови. Оттогаш тие се во сопственост на неговото семејство кое реши да ги продаде“, рече тој.

Осенат истакна дека пиштолите имаат голема уметничка и историска вредност и се барани во целиот свет. Потсети дека во ноември познатата шапка на Наполеон беше продадена за 1,932 милиони евра.

Наполеон абдицирал првиот пат на 6 април 1814 година, по влегувањето на руските трупи следени од пруските во Париз, и заминал во егзил на островот Елба.

Дефинитивно бил поразен во битката кај Ватерло, по што абдицирал по вторпат во јуни 1815 година и отишол во егзил на островот Света Елена каде умрел во мај 1821 година.

- Реклама -