„Апасиев е кловн“, објавија денеска низа медиуми цитирајќи го пратеникот на Алијанса за Албанците – Шефик Дураку, а повикувајќи се на порталот на албански јазик „Opinion Shqip“, кој пренесе Фејсбук статус на пратеникот во кој се спомнуваат Левица и нејзиниот претседател.
„Ова е уште еден обид од претставниците на Алијанса да ја релативизираат соработката со овој (политички) ентитет познат по своите антиалбански и анти-НАТО ставови, овојпат навредувајќи го лидерот на тој ентитет)“, оценува „Opinion Shqip“, оценка која беше пренесена и во македонските медиуми.
Во изјава за Нова ТВ, меѓутоа, Дураку тврди дека неговата објава била спинувана од ДУИ.
„Тие велат: Апасиев ги загрозува интересите на НАТО. Тоа е претерано. Ни Русија ни Кина не можат да ги загрозат интересите на НАТО, а не пак еден палјачо, не ни ја навредувајте интелигенцијата“, напиша отприлика Дураку, но тоа во најголем дел од случаите не беше пренесено, односно преведено.
Таквите обиди, според пратеникот на Алијанса, потекнуваат од ДУИ и имаат за цел намерно да спинуваат за да ѝ наштетат на иницијативата за гласање (не)доверба на Владата.
„Моја цел со статусот беше да им укажам на спинувачите дека ни ја потценуваат интелигенцијата, нашата и на граѓаните, со тоа што партијата Левица и нејзиниот претседател Апасиев ги претставуваат како толку моќни што дури можеле да ѝ наштетат на НАТО-алијансата“, вели Дураку за Нова ТВ.
„ДУИ бара проблем онаму каде што го нема, а целта е да се растури ова мнозинство за рушење на владата“, додава тој.