Постои големо сомневање во вистинитоста на изјавите што вчера пред судот ги даде обвинетиот за учество во настаните од 27-ми април, Александар Василевски – Нинџа. Правници со кои разговараше ДВ, укажуваат на многу „дупки“ во исказот на Василевски, а кои не добија одговори ни по вчерашното испрашување во Судот.
Според нив, особено мора да се има предвид и „минатиот труд“ на Василевски, за што сведочи неговото дебело судско и полициско досие, но и начините на кои лесно поминувал во пресудите за делата за кои бил обвинет, благодарение на негово сведочење за дела кои обвинетите ги нарекуваа „политички монтирани процеси“.
Како пример за тоа го посочуваат сведочењето на Нинџа во случајот „Ровер“ за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во Скопје 2001 година. Во тој случај, по цели 12 години молчење, токму Александар Василевски – Нинџа на 6 февруари 2012 „со свежа меморија“ детално раскажа за настанот, посочувајќи го поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски за нарачател.
Во овој предмет, Бошкоски за помагање на убиство беше осуден на 10, 5 години казна затвор.
Десет месеци подоцна, на 12 декември 2012 година, полицијата го уапси Александар Василевски – Нинџа поради сомнение дека две недели претходно пукал во Драганчо Стојменов, клучниот сведок во случајот „Детонатор“. Нинџа е уапсен откако се криел во околината на Ченто. Само по два месеца се случи неочекуван пресврт во судскиот процес, во кој Нинџа беше обвинет за убиство, а неговиот пријател Никола Митревски за обид за убиство и помагање.
Обвинителството го преквалификува делото „од обид за убиство“ во „нанесување тешка телесна повреда“, по што на 28 февруари 2013 година судот го осуди Нинџа само на казна затвор од 10 месеци, а второобвинетиот на 6 месеци.
Целата статија на dw.com