ДУИ: Усогласување на државните симболи, особено на химната, ќе биде меѓу врвните приоритети на премиерот Албанец

„Република Северна Македонија во континуитет го гради својот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, која во најголем дел претставува автентичен репрезент на мултиетничкото и мултикултурно општество. По имплементацијата на легислативниот дел од Рамковниот договор, создадени се услови за целосно заокружување и на општествената рамка, или духот кој овој договор го наметнува во сите сфери од заедничкото живеење“, велат од ДУИ.

„Во оваа насока, во следниот мандат, еден од врвните приоритети на првиот премиер Албанец ќе биде усогласувањето и на државните симболи, особено на химната на нашата земја, која секако треба да претставува репрезент и на мултиетничкиот состав на населението. Тоа би значело вклучување и на дел од културното наследство и традицијата на Албанците во рамките на химната, како и употреба на албанскиот јазик соодветно на учеството на Албанците во заедничкото општество“, додаваат интегративците.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

„Онака како што со имплементацијата на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија се гради надворешната интеграција на земјата, така и со заокружување на општествената рамка од Охридскиот договор, ќе ја засилиме и внатрешната интеграција и ќе го зацврстиме унитарниот карактер на земјата.

Зајакнување на довербата меѓу народите, како и унапредување на меѓуетничките односи претставува клучниот темел на кој се гради мултиетничкото општество на Република Северна Македонија, и токму затоа еден од нашите приоритети во следниот мандат ќе биде целосното интегрирање на Албанците, на албанската традиција, култура и јазичен израз во сите сфери на општественото живеење“, се вели во соопштението на партијата зад кандидатот за прв премиер Албанец – Насер Зибери.

- Реклама -