Бугарија никогаш не била закана за националната безбедност на Република Северна Македонија, изјавил бугарскиот премиер Галаб Донев на брифинг со новинарите за случувањата на бугарско-македонската граница на 4 февруари и зголемената тензија меѓу двете земји во последните недели.
Донев, како што пренесуваат бугарските медиуми, потсетил на реакцијата на бугарската држава во 1990-тите кога се распадна Југословенската федерација, а Бугарија прва ја признала Македонија и прва ѝ обезбедила воена опрема.
Како што изјавил, тој нема информации дека ниту некои граѓани на Бугарија се закана за безбедноста на земјава. Вели дека е „разочаран од реакциите на македонските власти и неусогласеноста меѓу зборовите и делата“, кои, како што нагласил, „не соодветствуваат со барањата на Република Северна Македонија за членство во ЕУ“. Сепак, Донев смета дека треба да продолжи дијалогот меѓу Софија и Скопје, во кој Бугарија, тврди, е „целосно позитивна“.
„Нема да го прекинеме дијалогот со Република Северна Македонија, во кој Бугарија покажа и докажа дека е целосно позитивна. Но, мора да постои взаемен однос“, изјавил тој.
Прашан дали сето она што се случи го смета за провокација, Донев одговорил: „Да кажеме вака – грешки и слабости при растењето“.
Извор: МИА