Доналд Трамп – крал на водите, флашираните

Во 2011 година, Обама донесе таканаречен Green Parks Plan, со кој се забрани продажбата на флаширана вода во 20 национални паркови во САД. Целта беше да се намали фрлањето на пластичен отпад (особено шишиња) и загадувањето на природата во парковите, а се разбира, индиректно и да се намали беспотребната потрошувачка на пластика. Наместо тоа посетителите беа охрабрувани да си носат свое шише за пиење и да го полнат по потреба, а тоа им се овозможи со инсталирање на еден куп станици за полнење вода.

Шест години подоцна, администрацијата на Трамп ја укина забраната. Тоа значи дека сега пак ќе може да се продава флаширана вода во вендинг машините, хотелите и продавниците во рамките на националните паркови. Одлуката важи од моментот на самото донесување. Изговорот е дека службата која раководи со националните паркови сака „да ги прошири опциите за хидрација за рекреативците, пешаците и другите посетители“.

Уште една голема победа за индустријата на флаширана вода

Со ваквата одлука, природата/животната околина трпи голем пораз. Од друга страна, производителите на флаширана вода излегуваат како големи победници. Индустријата водеше интензивна кампања против забраната уште во 2011 година, обвинувајќи ја администрацијата на Обама дека „го отстранила најздравиот напиток од националните паркови, истовремено оставајќи ја непречена продажбата на флаширани сокови и други засладени пијалоци“.

Џил Кулора, претставник на Интернационалната асоцијација за флаширана вода, се огласи по повод поништувањето на забраната: „Консумацијата на вода во сите форми, од чешма, филтрирана, или флаширана, треба секогаш да биде охрабрувана. Повлечената забрана беше сериозно фалична“.

На прв поглед овие критики можеби звучат основани и оправдани, ама во суштина се само маска за вистинскиот проблем на индустријата – намалувањето на профитот. Како прво, со инсталирањето на станици за полнење вода и те како се стимулира, дури и повеќе, консумацијата на вода (ама бесплатната, а не флашираната). Како второ, достапноста до (неограничена количина) вода сериозно ѝ наштетува на продажбата на други флаширани засладени пијалоци, до степен да не мора да се забрануваат (мала продажба = мало загадување со шишиња); и производителите тоа добро го знаат. Од самите бројки јасно се гледа дека потрошувачката на сокови вртоглаво опаѓа – резултат на тоа што денес населението е поедуцирано и повеќе внимава на здравиот живот. Потрошувачката на флаширана вода, пак, на нивна радост, расте со загрижувачко брзо темпо; затоа и сé повеќе компании се фокусираа(т) кон таа гранка на производство. Е, овие компании знаат дека токму луѓето што внимаваат на здравјето се најчести посетители на природата/националните паркови, и дека ако им е забрането да продаваат вода, од сокови баш и нема многу да се опарат. Оттаму, би било лудо да се очекува да не критикуваат една таква забрана.

Ништо не е случајно

Ако сметате дека повлекувањето на забраната е само случајност која ѝ оди во прилог на индустријата за флаширана вода, се лажете. Тајмингот на повлекување на забраната не може да биде поконтроверзен. Се случува само три недели откако Дејвид Бернхардт е назначен за заменик-секретар за внатрешни работи на САД. Бернхардт претходно работеше како лобист за правната фирма која ја застапуваше Nestlé Water (огранокот на Nestle што се бави со продажба на флаширана вода) – Brownstein Hyatt Farber Schreck. Nestlé Water е еден од најголемите производители на флаширана вода во САД и дистрибутер на брендот Deer Park (горе на сликата). Колку згодно што името звучи како вода што би се продавала во национални паркови, нели?

Nestlé, се разбира, негираше дека постои некаква поврзаност и ги отфрли обвинувањата од страна на Corporate Accountability International (организација што се застапува за корпоративна одговорност). Велат дека никогаш го немаат сретнато Бернхардт, и дека дури и кога работел во правната фирма, не работел на случаи поврзани со Nestlé.

Во свет каде што само наивните не знаат дека нештата функционираат преку човек што знае човек што знае човек, Nestle не звучи многу убедливо. Особено што има уште една мала случајност – и Трамп e во бизнисот со флаширана вода:

^ Trump Ice, додуша не толку успешен бренд, се продава ексклузивно само во неговите хотели, ресторани и голф-клубови, сега за сега.

Околу шишињата

Како и да е… Се проценува дека во светот се купуваат по околу милион пластични шишиња секоја минута. До 2012 година, се очекува овој број да се зголеми за дополнителни 20%. Масивниот пораст во пластичен отпад што ќе следи како резултат, ќе биде уште еден катастрофален фактор што ќе придонесува во климатските промени.

Потрошувачката на флаширана вода, како што спомнавме, во последнава декада бележи вртоглав раст. Секоја секунда се купуваат по 20.000 шишиња. Иако шишињата главно се прават од високо-рециклирачки полиетилен терефталат (PET), собирањето и рециклирањето на овие шишиња не може да го следи темпото на потрошувачката. Така, голем дел од нив завршуваат на депониите или во океаните.

Се разбира, најголемата моќ лежи во самите потрошувачи, кои во зависност од тоа на што ги трошат парите, можат да ги насочуваат конкретните трендови. Од друга страна, тоа не значи дека дел од одговорноста не треба да понесат и самите производители, во случајов индустријата со флаширана вода. За жал, досега се заинтересирани само за профитот, а и ги добиваат сите поважни битки.

- Реклама -