Додека граѓаните чекаат термини, функционерите се тестираат бесплатно и преку ред – „така е секаде во светот“, вели Филипче

Додека поради недостатокот граѓаните се обидуваат на сите начини да дојдат до термин за тестирање за Ковид-19, што често значи дека мораат да платат приватно, сопартијците на министерот за здравство, како и другите носители на јавни функции, се тестираат во државните лаборатории и тоа „преку ред“.

Ова го потврдува министерот Венко Филипче, во одговорите на прашањата што му ги поставила новинарката Мери Јордановска, а кои таа ги објави на Фејсбук.

„Каде се тестираа вашите сопартијци за Ковид-19? Платија приватно или одеа преку ред, со оглед на тоа што се чека по минимум 8 дена за тестирање преку Мој термин?“, гласи едно од прашањата.

„Тие се тестираа во јавно-здравствените установи. Сите лица кои се на јавни функции и се дел од виталните органи на власта се третираат како ургентни случаи за тестирање. Ова не се прави заради никаква политичка привилегија, туку заради заштита на функционирањето на државните институции“, вели Филипче.

Тој истакнува дека тоа е пракса во сите земји во светот, и тоа не само во случај на пандемии, туку и за секој друг тип елементарни непогоди.

„Секогаш приоритет на заштита се дава на носителите на високи државни функции, со цел заштита на нормалното функционирање на државата. Ве повикувам ова слободно да го проверите во сите останати земји“, одговара Филипче.

Во однос на тестирањата, министерот беше прашан и за брзите тестови и за опцијата приватните лаборатории да вршат тестирања кои ќе ги покрива Фондот:

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури

„Набавивте брзи тестови за Ковид-19, а првиот слободен термин за тестирање е 10 ноември. Тестовите се можеби брзи, но термините очигледно не. Зошто не се решите да ги вклучите приватните лаборатории да вршат тестирања кои ќе ги покрива Фондот?“, прашува новинарката.

„Во моментов сме во преговори за тестовите да бидат на фондот како што веќе најавив оваа недела. Што се однесува до термините, за што исто така информирав, тие се пополнија нагло заради силниот бран и наплив на многу пациенти. Но секојдневно се зголемуваат капацитетите за тестирање и така на пример вчера имавме рекордни 2700+ тестови и оваа бројка ќе расте. Истиот проблем се јави и во првиот бран на пролет но и тогаш го решивме, а тоа ќе го направиме и сега“, вели министерот.

Филипче беше прашан и за приватните тестирања во Институтот за јавно здравје:

„Зошто нема термин да се закаже тестирање на државна сметка, а во секое време граѓаните можат да се тестираат на истото место, во ИЈЗ, ако платат приватно, 1850 денари?“, прашува Јордановска.

„Оваа констатација не е точна, оние кои не се со индикација за итно тестирање, тестот им е потребен за патување или слично може да се тестираат брзо на своја сметка“, одговара Филипче.

- Реклама -