Сиена е еден од најпосетените градови во Италија, познат по специфичната кујна, уметноста, музеите, средновековната архитектура и трката со коњи Палио.
Сиена е град изграден во готски стил, на ридски терен, што заедно со специфичната црвена боја на зградите ја прави архитектурата навистина уникатна. Како и во најголем дел од италијанските градови, во централниот дел од градот се наоѓа градскиот плоштад, наречен Пијаца дел Кампо. Овој плоштад претставува вистинско богатство, поради необичната форма на школка, како и присуството на зградата на градското собрание, до која се наоѓа познатата кула Торе дел Мањиа. Токму на овој плоштад, двапати годишно се одржува познатата трка со коњи Палио, која најчесто трае по 90 секунди, но привлекува илјадници туристи.
Една од главните атракции во овој прекрасен град е катедралата на Сиена од 14. век, која има необична оска север-југ, за разлика од сите други катедрали кои се поставени на оската исток-запад. Ова се должи на фактот што катедралата во Сиена требало да биде најголема во светот, т.е. по завршувањето на делот кој постои денес, предвидено било да се подигне уште поголем дел, со кој ќе се запазело правилото за градба на катедралите.
Но, откако бил завршен постојниот дел од катедралата, заедно со источниот ѕид (на кој денес туристите можат да се искачуваат преку скалилата), средствата предвидени за градба се потрошиле и проектот бил напуштен. Но, и покрај тоа што катедралата не била доградена како што била замислена, таа е една од најубавите во светот.
Историскиот центар на Сиена, во кој се наоѓаат најважните туристички атракции, меѓу кои спаѓаат и: куќата на Света Катерина, средновековната тврдина, музеите итн.; се смета за културно наследство под заштита на УНЕСКО и секоја посета на Тоскана без да се погледне овој величествен град би била непотополна.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk