Доаѓа крајот на паметните телефони

Google веќе работи на компјутеризирани очила кои ќе ги заменат паметните телефони.

Се чини дека Microsoft сега развива нешто слично. Компанијата поднела неколку патенти поврзани со проектот. Постои голема разлика помеѓу она што Microsoft го развива и Google Glass. Според последните вести од Google, Google Glass нема да користи „аугментирана реалност“ – што значи дкеа податоците и илустрациите нема да бидат проектирани врз вашата околина.

Google Glass ќе биде само мал екран во кој ќе морате да погледнете за да ги видите прикажаните информации. Очилата на Microsoft пак ќе користат аугментирана реалност. Во илустрацијата во патентот јасно се гледа дека очилата проектираат информации врз околината. Двата концепти за гаџети се доста интересни.

Иако многумина се сомневаат, доста е веројатно дека ваквите производи ќе ги заменат паметните телефони како доминантен гаџет за пристап до интернет и комуникација. Тоа се чини неизбежно, компјутерите се смалуваат и доаѓаат сè поблиску до нашето лице.

Компјутерите прво беа огромни машини кои зафаќаа цели соби, па се сместија на обична маса, по што ни седнаа во скут пред конечно да дојдат во нашата дланка. Неизбежно е да се преселат на нашите лица, а прашање е само колку време ќе биде потребно да се сместат директно во нашите мозоци.

А штом Google и Microsoft работат на компјутеризирани очила, слободно може да се претпостави дека и Apple наскоро ќе започне со развој на сопствена, поскапа верзија.

- Реклама -