Директорот на Зоолошка градина Скопје Галетановски поднесе оставка

Директорот на Зоолошка градина Скопје – Ѓорги Галетановски, денеска на неговиот фејсбук-профил објави дека поднесува оставка од функцијата.

Тој упати благодарност за укажаната доверба од страна на поранешниот градоначалник на Град Скопје – Петре Шилегов, како и на сите медиуми, спонзори, донатори, здружениjа за животни, а најмногу, како што истакна, на вработените во ЗОО Скопје, со чија помош, како што рече, успеале да дојдат на чекор до членство во ЕАЗА (Европска асоцијација на зоолошки и аквариуми).

„Сакам да ве известам дека денес поднесувам оставка од работното место директор на Зоо Скопје. Во изминатите три и пол години успеавме рекордно да ја зголемиме посетеноста, да ги изработиме сите проекти кои ги ветивме, донесовме многу нови животни за првпат во нашата држава, а децата добија омилено место за секојдневни прошетки. Зоолошка градина Скопје стана најпосетена институција во државата, го отворивме и најзелениот Дино Парк со најмногу диносауруси на Балканот со преку 400 дрва и садници. Успеавме да средиме делови од градината кои со години не биле санирани, ги исчистивме езерата после 13 години, ја отворивме Бејби Зоо и направивме живеалишта за фламинга и пингвини по светски стандарди. Организиравме многу хуманитарни акции, помагавме секаде каде што можевме и тоа беше нашата најголема сатисфакција за успех“, наведе Галетанов.

Тој посочи дека Зоо Скопје стана прва дигитализирана зоолошка на Балканот, со своја апликација и онлајн продажба на билети.

„Се надевам дека зоолошката ќе продоложи да се развива и да се прават нови проекти со кои ќе се продолжи успехот на оваа институција.Јас денес се враќам на улица, достапен во секое време да придонесам за подобра иднина на државата и младите. Ви благодарам од срце“, истакна Галетанов.

МИА

- Реклама -