Директорот на „Фајзер“: Веројатно ќе биде потребно луѓето да примат и трета доза од вакцината

Извршниот директор на Pfizer, Алберт Бурла, вели дека на луѓето „веројатно“ ќе им биде потребна трета, бустер доза од вакцината против Ковид-19, во период од 12 месеци, за да бидат целосно вакцинирани. Бурла ова го изјавил на 1 април, но денеска првпат го објави CNBC.

Бурла посочил и дека е можно луѓето, против Ковид-19, да треба да се вакцинираат секоја година. „Екстремно е важно да се намали потенцијалниот ‘фонд’ на луѓе кои би биле подложни на вирусот“, изјавил тој за CNBC, додавајќи дека вакцините ќе бидат важна алатка во борбата и против високозаразните соеви на Ковид-19.

Научниците засега сѐ уште не знаат колку долго трае заштитата против коронавирусот штом едно лице е целосно вакцинирано. Порано месецов, Pfizer изјави дека нивната вакцината е повеќе од 91% ефикасна во заштита од Ковид и повеќе од 95% ефикасна против развивање на сериозна клиничка слика, до шест месеци по втората доза. Заклучоците на „Фајзер“ се базирани на повеќе од 12 илјади вакцинирани доброволци. Сепак, истражувачите велат дека сѐ уште се потребни повеќе податоци  за да се утврди дали заштитата трае по шест месеци.

Во февруари, Pfizer и BioNTech соопштија дека тестираат трета доза на нивната ковид-19 вакцина за подобро да го проучат имуниот одговор против новите соеви на вирусот.

 

- Реклама -