Интерната постапка за евентуален пропуст за случајот „Онишченко“ констатирала дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста, информира денеска директорот на Агенцијата за национална безбедност – Виктор Димовски.
Чекањето за реферирањето за случајот, рече тој, било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи, ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност.
Безбедносната проверка пред издавање позитивно мислење за издавање на пасош на некое лице се прави на неколку нивоа и потребни се потписи од десет припадници на Агенцијата за национална безбедност, појасни Димовски.
„Констатиравме дека последното ниво кое требало да направи – консултација со НАТО партнерите, лицето дало позитивно мислење, но тоа не го направило. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста“, изјави Димовски по седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР), која, патем, резултираше со скандал откако иако требаше да биде затворена за јавноста, „протече“ во живо на Јутјуб.
Димовски нагласи дека истрагата за тоа како Онишченко добил државјанство ќе продолжи со цел да се утврди дали станува збор за изолиран случај или не.
„Испитуваме дали станува збор за изолиран случај или не. Дали се работи за пропуст или некој намерен или лукративен интерес. Не сакаме, заради ваков случај, она што е сторено со макотрпна работа во изминатиот период да пропадне. Во зависност од тоа ќе се утврди дали ќе заврши со дисциплинска или кривична одговорност“, рече директорот на АНБ.
Тој не го откри името на лицето, но посочи дека во сите четири сектори работат лица со безбедносни сертификати.
Прашан дали чувствува лична одговорност како директор на АНБ, Димовски рече дека „тој не оди никаде и останува тука“.
„Ако се процени дека има пропуст и директна одговорност од моја страна, јас кажав, нема да патувам ниту во Будимпешта, ниту во Охрид да менувам место на живеење. Јас ќе бидам тука“, изјави Димовски.
Димовски посочи дека ќе инсистира на собраниската Комисија да се разговара и за тоа дека случајот Онишченко се појави во исто време и со обвинувањата дека Агенцијата ги користи средствата за следење на политичката опозиција.
„Се сакаше да се покаже дека Агенцијата влегла во чевлите на поранешниот субјект УБК и дека го прави истото, кога за жал, прислушуваа во подолг временски период повеќе од 20 илјади граѓани на нашата земја“, изјави Димовски.
Извор: МИА