Димитров: Сѐ повеќе слушаме земји-членки што велат дека ние испорачавме, а сега ред е на ЕУ

„Не креваме раце, правиме сѐ што можеме да изнајдеме европско решение. Нашите позиции се кристално јасни засновани врз принципи, но проблемот е поголем од нашата мака. Сѐ повеќе слушаме земји-членки што велат вие испорачавте, мора да најдеме начин и ние како ЕУ да испорачаме“, истакна вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров, во гостувањето во ТВ „Сител“, откако денеска Бугарија потврди дека останува на позицијата за блокада на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Сепак, според Димитров, да се каже дека нема надеж е фаталистички и не е здраво.

„Мора да се грижиме за народот, да го заштитиме и да сработиме тоа што можеме да сработиме, бидејќи влогот е голем“, рече Димитров.

Тој потенцираше дека за државава има еден пат – патот кон ЕУ, но дека во ЕУ ќе влеземе единствено како Македонци кои зборуваат македонски јазик.

„Многу е невозможно, нелогично и контрадиктороно, македонскиот јазик да биде проблем за членство во унија во која се негува културната и јазичната различност на Европа. Како може некоја земја-членка да бара услови кои немаат релација или се спротивни со европските вредности?“, прашува Димитров.

Тој уште еднаш повтори дека ако цената за нашиот пат кон ЕУ е обезличување, тогаш нам не ни треба таква ЕУ.

„Уште кога започна овој процес, кога се интензивираа напорите на германското претседателство, кажав дека сум ок со тоа дека ако не може да ги отвориме вратите поради македонскиот јазик, нема да ги отвораме тие врати. Тоа го поставува прашањето колку е европска Европската Унија“, повтори вицепремиерот.

- Реклама -