Димитров прекинал состанок со Каракачанов и Захариева зашто македонскиот го нарекле „таканаречен народ“

Не е  точно дека се молчи на провокациите и навредите од страна на Бугарија – истакна министерот за европски прашања Никола Димитров, во вечерашното гостување на „Телма“, па сподели момент кој, како што рече, не планирал да го сподели.

Имено, како што откри самиот тој за јавноста, во четвртокот ја прекинал виртуелната средба со бугарските министри за одбрана и надворешни работи – Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, која ја оствариле онлајн веднаш по средбата во Софија, во нов обид да се постигне решение. Според Димитров, причината била тоа што македонскиот народ бил ословен со изразот „таканаречен народ“, на што тој реагирал со зборовите „мојот народ тоа не го заслужува“ и го прекинал состанокот.

„Нашиот став по овие прашања за јазикот и идентитетот нема да се смени ни за осум месеци, ни за 80 години“, истакна Димитров во интервјуто, но и порача дека во овие моменти македонската страна не треба да ја олеснува лошата политика на Бугарија кон нас со „невозрасни изјави“. Наместо тоа, категоричен е вицепремиерот за европски прашања, на провокациите треба да одговараме „возрасно“ и со укажување дека таквите изјави не се изјави што доликуваат на сојузници и не одат во прилог на градење на пријателство.

„Бугарската позиција секако е навредлива. Разликата е дали ќе се фокусираме на тоа дека јас сум станал, сум заминал, и ќе направиме прес од тоа, или ќе постапиме возрасно“, порача Димитров.

Извор: Фокус

- Реклама -