Димитров: Повремено со Бугарија како да живееме во паралелни реалности

Статус кво позиција во односите со Бугарија е исклучително лошо. Сегашната политика на вето, притисок и уцена создава негативен амбиент и е инвестиција во антагонизам и правење непријателство, а не пријателство, смета вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Во гостување во Дневникот на ТВ Сител тој рече дека со Бугарија „повремено како да живееме во паралелни реалности“. Нагласи дека говор на омраза не постои од официјални претставници на нашата држава, а тоа што има луѓе кои на приватни социјални медиуми изразуваат револт е резултат на оваа ситуација.

„Кога вие на вашиот комшија ќе му кажете дека сте резултат на етнички инженеринг или вашиот јазик не е јазик, се разбира дека ќе има револт. Договорот за пријателство во Преамбулата вели дека ќе ги развиваме односите врз основа на заемна почит и разбирање“, рече Димитров, коментирајќи го одложувањето на датумот за почеток на пристапни преговори со ЕУ поради ветото на Бугарија, во контекст на новиот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, како и новиот состанок на македонско-бугарската Комисија за образовни и историски прашања.

Лошо е за нас, рече, но и за самата Европска унија и за довербата во Унијата, а со тоа и влијанието во еден важен регион за Европа – Западниот Балкан. По сите досегашни искуства со неиспорачувањето датум од ЕУ, според него, особено важно за нас е да бидеме, како што рече, целосно искрени и многу внимателни во однос на надежта, очекувањето, разочарувањето…

„Ние ги исполнивме критериумите, подготвени сме, дури и поподготвени за членство од земјите кои се во пристапниот процес за дел од кластерите. Ние испорачавме, но ЕУ не испорача кон нас. Мислам дека е време да не ја критикуваме целата ЕУ, бидејќи има држави кои отворено и многу силно ни даваат поддршка. Имаме проблем со една земја“, рече Димитров.

Решението во односите со соседна Бугарија го гледа во тоа „нашите битни точки во преговарачката рамка да останат на линија на португалскиот предлог – македонски јазик“.

„Нашиот прогрес – пристапниот процес, успехот кон ЕУ и чекорите да зависат од тоа дали се бориме со корупцијата, дали медиумите ни се слободни и дали имаме цврста демократија дома, а не од успехот или неуспехот на Комисијата за историски и образовни прашања. Треба да бидеме попрецизни по прашањата, како говорот на омраза – да најдеме една дефиниција која можеби ќе ја применуваме во билатералните односи, на двете страни“, истакна вицепремиерот.

На прашањето дали ќе поднесе оставка тој и Владата ако во декември не добиеме датум за почеток на преговори за ЕУ, одговори дека може да зборува само за себе и оти тоа ќе се случи ако процени дека би влијаело за доброто на државата и за каузата за НАТО и ЕУ.

„Ние не можеме да бидеме одговорни за нешто што го прави трета држава. Одговорни сме за тоа што го правиме ние. Во овој случај ние сме зрелата страна која нема направено грешки во односот, иако имаме големи искушенија да направиме грешки“, додаде Димитров.

- Реклама -