Македонскиот кошаркарски суперталент Ненад Димитријевиќ пред неколку месеци и официјално се пресели во Хувентуд, а не му беше потребно премногу време за да ги покаже своите квалитети и во земјата на актуелниот европски шампион.
Димитријевиќ беше дел од составот на Хувентуд што стигна до финалето од турнирот „Вила де Тодера“, а токму нашиот млад кошаркар беше во главна улога на полуфиналниот дуел со Барселона, што неговиот тим го доби со 81:76.
Нашиот ас мина на теренот 23 минути во пресметката со каталонскиот гигант и беше еден од најзабележителните поединци на мечот, реализирајќи 17 поени, три асистенции и два скока. Претходно, тој одигра одличен меч и против домаќинот Тордера, во кој постигна 20 поени за вкупно 23 минути игра.
Хувентуд во финалето претрпе убедлив пораз од составот на Леида (63:89), меч во кој што Ненад Димитријевиќ беше стрелец на само четири поени за својот тим.