Димитриевски разочаран од „шверцерската одлука“ да биде исклучен од СДСМ

Актуелниот градоначалник на Куманово – Максим Димитриевски, е длабоко разочаран од одлуката на СДСМ да не го кандидира за нов мандат и да го исклучи од партијата. Денеска тој се огласи во јавноста, откако вчера генералниот секретар на партијата – Љупчо Николовски, соопшти дека кандидат на СДСМ за Куманово ќе биде Оливер Илиевски, бидејќи, како што рече, „Димитриевски сам се исклучи од партијата“ и „самиот отиде против себе, против СДСМ и против граѓаните“.

„Длабоко сум разочаран и искрено жалам за таквата, би рекол шверцерска, полноќна одлука на поединци на раководството на мое СДСМ. Дури ни таквата одлука не е легитимна, затоа што не е согласно статутот на СДСМ“, вели Димитриевски, посочувајќи дека одлука за исклучување се носи на седница на Извршниот одбор, па потоа на седница на Централниот одбор на партијата, а неговите информации велат дека такви седници не се одржале. „Правно формално јас сè уште сум член на СДСМ“, додава Димитриевски, одбивајќи да ја коментира, како што вели -„небулозата“ дека сам себе се исклучил од партијата.

„Како и да е, тоа говори за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува мојот став искажан неодамна – дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството, симпатизерите и поддржувачите, и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак. Кумановци тоа нема да го дозволат“, порача Димитриевски, кој викендов соопшти дека оди како независен кандидат за втор градоначалнички мандат за Куманово, заедно со независна советничка листа.

„Јас по убедување сум социјалдемократ, со јасна и прецизна
социјалдемократска идеја, мисла и визија. И никој, ама баш никој, тоа не може да ми го одземе. Куманово е револуционерен град и на 17 октомври кумановчани ќе го покажат својот непокор и пркос, упатувајќи силна порака кој на кого му свртел грб“, додава тој во реакцијата.

- Реклама -