Во ера на антиваксери, Томас Виеира Гомез – локално познат како 2N и еден од најопасните криминалци во Рио де Жанеиро, неодамна направи нешто што делува како добро дело, иако крајно нелегално.
Тој и неговата банда киднапирале двајца мажи кои работеле како медицински сестри, и ги натерале да ги вакцинираат сиромашните луѓе од фавелата против жолта треска.
Веќе со месеци Бразил се справува со епидемија на жолта треска која веќе остави десетици мртви. Иако Министерството за здравство планира да вакцинира милиони луѓе во надеж дека ќе ја спречи епидемијата, центрите за имунизација како по обичај не успеваат да се справат со големиот број пациенти. Последни во редот, како и секогаш, се тие од најсиромашните средини.
Една од најсиромашните региони во Рио де Жанеиро е и Салгуеро – јадрото на бизнисот со трговија со дрога на 2N. Па така, решил да ја забрза работата, на начинот што најдобро го познава.
На 27 јануари ноќта, тој и уште неколку помошници нападнале државна клиника со две црни коли, ги земале сите инекции и дози вакцини што можеле да ги најдат, киднапирале две машки сестри од персоналот, и се вратиле во бар во Салгуеро каде што потоа било спроведено вакцинирањето на локалните.
Во својот извештај, двајцата киднапирани велат дека киднаперите не биле агресивни и го направиле тоа што го направиле само затоа што жителите на Салгуеро не биле во можност да стигнат до имунизационите центри. Откако завршила вакцинацијата, киднаперите ги вратила киднапираните назад на нивното работно место.
Додека траело сето ова, полицијата абер немала. Никој сé уште нема официјално пријавено киднапирање. Само Министерството за здравство најави истрага, ама и таа веројатно ќе стои само на хартија.
Веста, очекувано, ги поплави бразилските медиуми и социјални мрежи. 2N сега го викаат модерен Робин Худ. Дури и поранешниот Министер за животна средина го пофали на Твитер, велејќи дека да, Томас Виеира и натаму останува серко, ама ова што го направил било „јавен сервис“, за општо добро.
Во меѓувреме, 2N уште си фигурира меѓу најбараните криминалци во Рио, а за секој што ќе понуди информација за негово апсење полицијата нуди награда од 3.000 долари. Но ништо од ова не е поврзано со киднапирањето, си стои потерницата од многу порано.