ДИК парламентарните избори: ВМРО-ДПМНЕ 35.70%, ДУИ 20.48%, Вреди 17.37%, СДСМ 12.14%, Левица 5.74%, ЗНАМ 4.18%

Првичните резултати од денешните парламентарни избори што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница, покажуваат дека од обработени 40,70 отсто од избирачките места, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 118 498 гласови (35,70%), Европски фронт на ДУИ 67 959 (20,48%), Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 57 648 (17,37%), а Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ 40 281 гласа (12,14%).

Лавица има 19 036 (5,74%), Движење ЗНАМ – За наша Македонија 13 886 (4,18%). Останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаа под еден процент гласови.

Право на глас на парламентарните избори имаа 1.815.350 граѓани запишани во избирачкиот список.

Се гласаше согласно пропорционалниот модел во шест изборни единици. Гласање за парламентарните избори во дијаспората не се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.

Во Првата изборна единица има 313.183 гласачи, во Втората 321.087, во Третата 275.034, во Четвртата 278.721, во Петата 310.216 и во Шестата изборна единица 317.109 гласачи.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Ова се 11-ти парламентарни избори од независноста на државата.

- Реклама -