Државната изборна комисија прифати седум од вкупно 14-те приговори за изборни нерегуларности поднесени од штабот на кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ – Гордана Силјановска Давкова. Гласањето во седум избирачки места е поништено, но прегласување ќе нема, бидејќи резултатот не влијае на исходот од првиот круг на претседателските избори.
Во повеќето случаи се работи за повеќе гласачи отколку што биле запишани во избирачкиот список.
Таков е случајот и во избирачкото место 0816 во Зајас, Кичевско, каде, според приговорот на ВМРО-ДПМНЕ, гласањето било сомнително и постојат индиции за полнење на кутии. Имено, од според приговорот, од 15 до 17 часот гласале 297 лица, од што произлегува дека на секои 24.2 секунди гласал по еден гласач.
Сепак, ДИК не најде докази за полнење на кутии и иако приговорот формално правно требаше да биде одбиен, како што објасни членот на комисијата Елизабета Постоловска, во име на тоа да се отстранат сомнежите ДИК одлучи да го отвори изборниот материјал и да ги преброи ливчињата. По четири пребројувања, се покажа дека во кутијата има 4 ливчиња повеќе од запишаните 412 гласачи, поради што гласањето во ова место беше поништено.
Од Комисијата заклучија дека причина за нерегуларностите главно се пропустите на избирачките одбори. Оттаму, ДИК најави дека истите ќе бидат разрешени и санкционирани.
Во Охрид, на пример, каде што се гласаше и на локални избори, на гласачите одборот им давал по две ливчиња (едно за претседател и едно за градоначалник), а барал по само еден потпис. Грешката била забележана и „поправена“ дури попладнето, но сепак, на крајот од потпишани 42 избирачи во кутијата се нашле 82 ливчиња, поради што гласањето е поништено.
Слични пропусти имало и во останатите случаи, на избирачко места во Куманово, Аеродром и Центар во Скопје, и на две избирачки места во Кавадарци. Во еден од случаите граѓанинот заборавил да се потпише а одборот не забележал, во друг претседателката на одборот прво гласала а дури потоа увидела дека поради промена на личната карта е запишана на друго гласачко место. На едно од местата на граѓанин му било дозволено да гласа иако не бил на списокот, на друго, пак, прво гласал, а потоа не успеале да го најдат меѓу запишаните гласачи.
Сè на сè, како што соопшти претседателот на Комисијата – Оливер Деркоски, ДИК е согласна дека една од најголемите слабости во изборниот систем е квалитетот на избирачките одбори. Една од првите задачи на Комисијата во наредниот период ќе биде да овозможи поголема и поконтинуирана едукација на членовите и замениците на Избирачките одбори, со цел да се избегнат слични ситуации и во иднина, порачаа од ДИК.