Зошто вашата диета не функционира

Ако веќе ви се случило да гладувате со недели, а да не ослабете ни еден килограм, знајте дека не сте единствени. Не заборавајте дека диетата не значи гладување и измачување, туку начин на живот. Ако сакате еднаш засекогаш да се ослободите од вишокот килограми, обрнете внимание на неколкуте основни грешки кои многумина ги прават во борбата со телесната тежина.

Гладувате за да ослабете

Избегнувањето или целосното прескокнување оброци не само што нема да ви помогне да ослабете побрзо, туку ќе ви го забави метаболизмот, а тоа е директно поврзано со брзината на согорување на калориите. Колку побрзо согорувате калории, толку побрзо и ќе слабеете. Но ако воопшто не внесувате калории метаболизмот е принуден да црпи од вашите резерви и да работи што е можно побавно. Така, колку повеќе оброци прескокнувате, толку побавен ќе биде вашиот метаболизам и толку потешко ќе функционира вашата диета.

Заборавате на пијалaците

Честа грешка е заборавањето на калориската вредност на пијалаците кои ги консумирате. Една лименка кока-кола, чаша купечки сок од портокал и кафе со полномасно млеко имаат околу 150 калории, што е еднакво на три јаболки или голема банана. Затоа, следниот пат кога ќе посегнете по газираниот пијалак, размислете за подобра опција.

Здраво не значи диетално

Сите прехрамбени производи имаат своја калориска и нутриутивна вредност. Некои се многу похранливи од останатите, но тоа не ја засенува нивната калориска вредност. Дланка јаткасти плодови има иста калориска вредност како и мала ќесичка чипс. Интегралниот ѓеврек има 50 калории повеќе од ѓеврекот од бело брашно, а лажица путер од кикирики има 100 калории, што е еднакво на едно мало чоколатце. Јаткастите овошја, интегралното брашно и путерот од кикирики се одлични избори за вас поради нивната висока нутриутивна вредност, но тоа не значи дека треба да ги консумирате без претпазливост.

Избегнувате физичка активност

Основно правило е дека правилната исхрана оди рамо до рамо со редовната физичка активност. А ако мислите дека немате доволно време за активно да тренирате одреден спорт, почнете со мали промени во секојдневната рутина. Наместо со кола, одете пешки до работното место, а ако тоа е многу голема релација, паркирајте ја колата подалеку и пропешачете неколку улици. Наместо со такси, одете со автобус и симнете се две станици пред крајната дестинација. Кажете му збогум на лифтот и секогаш користете ги скалите. Наредниот пат кога ќе се чувствувате нервозно или стресно, наместо да посегнете по чоколадо или грицки, појдете на кратка прошетка.

- Реклама -