„Ди Велт“: Путин со помош на Вучиќ, преку Косово, може да го втурне во војна целиот Балкан

Германскиот весник „Ди Велт“ во денешниот коментар по повод последните инциденти на северот на Косово, во кој вооружена група од триесетина лица ја нападна косовската полиција и уби еден нејзин припадник, пишува дека вчерашните драматични случувања покажуваат оти Западот се наоѓа „пред куп урнатини“ и дека Брисел мора конечно да сфати дека дијалогот меѓу Белград и Приштина е неуспешен, пренесе приштинскиот портал „Коха.нет“.

Во коментарот „Ди Велт“ тврди дека „проблемите со кои се соочува регионот се резултат на деструктивната политика на српскиот претседател, Александар Вучиќ“.

Германскиот весник го прашува Брисел „дали не гледа што се прави пред вратата на ЕУ?“ и „зарем Европејците не забележуваат дека на рускиот претседател Владимир Путин му е лесно уште повеќе да ја поттикне експлозивната атмосфера на Косово со помош на Србија како земја кандидат за ЕУ и со тоа, во најлош случај, повторно да го втурне во војна целиот Балкан?”.

Според „Ди Велт“ ова за Западот ќе биде, заедно со војната во Украина, уште една катастрофа која оди во полза на Москва.

– Мачно е да се види како Европејците, како и досега во Сирија и Либија и во случајот со Косово стратешки пропаѓаат, а европската политика всушност е пред куп урнатини, пишува весникот.

Прочитајте и:  Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид

Договорот меѓу Косово и Србија, формулиран под германско-француско раководство, според германскиот весник, нема никаква вредност. Наведува дека разговорите меѓу партиите „под диригентство на Брисел“ со години не носат ништо.

– Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, не успеа и одамна мораше да се разреши, подвлекува „Ди Велт“, прашувајќи и „колку и Вашингтон сака да ја согледа оваа ситуација?“.

Според весникот, сигурно е дека и косовскиот премиер, Албин Курти направил грешки и придонел за влошување на состојбата, „но вистинската причина за тензиите е деструктивната политика на Вучиќ“.

-Помеѓу владите на Косово и Србија нема повеќе доверба. Ова е голем проблем. Се разбира и премиерот на Косово, Албин Курти, направи грешки, на пример, поставувајќи градоначалници Албанци во општините на северот на Косово. Но, вистинската причина за тензиите е деструктивната политика на Вучиќ. Токму српските криминални фудбалски хулигани пролетта ги нападнаа војниците на НАТО и тешко ги повредија.Токму Вучиќи ја испрати војската на косовската граница и ги повлече српските службеници од косовската полиција. Стравот од натамошната радикализација на Србија, но и од уште поблизок сојуз меѓу Белград и Москва го прави Западот да се покажува многу мек кон Вучиќ. Ова е огромна грешка, порача „Ди Велт“.

МИА

- Реклама -