Лондон, 5 март 2022 (МИА) – Британскиот премиер Борис Џонсон смета дека Владимир Путин има намера да „двојно да ја засили“ својата инвазија врз Украина, бидејќи не гледа опција за излез од неа, туку има намера „да продолжи со уништувањето“.
Џонсон во интервју за „Ла Република“, „Ди Велт“ и „Ел Паис“, опиша дека среде ноќ бил разбуден со веста за руското гранатирање на украинската нуклеарна централа Запорожје, соопштувајќи дека од таквиот напад „подеднакво е загрозена“ и европската безбедност.
„Нашата безбедност е подеднакво вклучена, подеднакво загрозена од таквиот напад. Се сеќаваме што се случи со Чернобил. Радиоактивните облаци се проширија низ континентот, и колку што се сеќавам, во Северна Америка“, рече Џонсон.
„Очигледно е дека постои ризик. Загрижен сум како ќе ја запреме катастрофата. Има и други украински капацитети и секако има и други украински радиоактивни складишта на нуклеарен отпад“, кажа Џонсон, додавајќи дека треба да се размисли како да се работи заедно за да се спречи таква катастрофа.
Британскиот премир кажа и дека Путин ја потценил подготвеноста на Украинците да се борат и да ја бранат својата земја, како и на претседателот Зеленски.
„Путин, исто така, го потцени единството на Западот. Владите на сите земји претставени на оваа маса навистина работеа заедно, многу ефикасно, за да создадат пакет економски санкции што имаа многу значаен ефект врз Русија“, додаде тој.